Управата за јавни приходи ги информира работодавачите дека спроведува активности за утврдување и наплата на придонесите по службена должност, во случај кога обврзникот за пресметка и уплата на придонеси не поднел Mесечна пресметка (образец МПИН).
Имено, со измените и дополнувањата на член 23 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување од 17.10.2016 година, согласно новиот став (4), Управата за јавни приходи може да врши утврдување на придонесите по службена должност во случај кога обврзникот за пресметка и уплата на придонеси не поднел месечна пресметка. Основица за пресметка на придонесите при службеното утврдување е износот на бруто-платата пресметана во последната пресметка поднесена од работодавачот, односно просечната бруто-плата доколку работодавачот претходно нема извршено пресметка на придонесите. За службено утврдениот износ Управата за јавни приход ќе спроведе присилна наплата од исплатителот, заради навремено обезбедување на парични средства за уплата на социјалните придонеси и персоналниот данок, и за исплата на плата на вработените, односно за да се намали ризикот за оштетување на социјалните фондови, на Буџетот и на вработените заради неподнесување или ненавремено поднесување на МПИН пресметка од страна на исплатителот.
Доколку немате поднесено Месечна пресметка за интегрирана наплата (МПИН) за период за кој е изминат рокот за поднесување на Mесечната пресметка (МПИН), а кој е 10-ти во месецот за МПИН пресметка за претходниот месец, Управата за јавни приходи ќе изврши утврдување и наплата на придонесите по службена должност.
За сите прашања во врска со службеното утврдување контактирајте ги одговорните лица (менаџери) за “бруто-плата“ во рамките на Регионалната дирекција на УЈП на која припаѓате (види http://www.ujp.gov.mk/mk/vodic/category/132).