Светиот маченик Александар
Од градот Сида Памфилиска. Намесникот на царот Аврелијан го запраша кој и што е тој. На ова Александар му одговори дека е пастир на Христовото стадо. „А каде е тоа стадо?“, беше следното прашање. Александар одговори: „Низ целиот свет живеат луѓето коишто Христос ги создаде; од нив оние што веруваат во Него се Неговите овци, а тие што се отпадници од Создателот и им робуваат на созданијата и на делата на рацете човечки, на мртвите идоли, како што правите вие, тие се отуѓени од Неговото стадо и на Страшниот Суд ќе застанат од Неговата лева страна како кози“. Злобниот судија нареди најпрво да го бијат со воловски жили, а по ова го фрлија во огнена печка. Но огнот не му наштети. Потоа му го стружеа месото. Најпосле судијата нареди и му ја отсекоа главата. Но штотуку ја изрече таа пресуда судијата подлегна под злиот дух и побесне. Како што урликаше го поведоа накај неговиот бог идол, но патем ја испушти својата зла душа. Свети Александар пострада меѓу 270 и 275 година.