Конгресот во Малта го отвори претседателот на Европската Народна Партија Жозеф Дол, а говореше и генералниот секретар на ЕПП Истурих. Тие во своите обраќања се осврнаа од важноста за продолжување на иницијативноста на Европската Унија и јакнење на нејзините капацитети.
Европската Унија се соочува со најголемите предизвици, но и волјата за нивно надминување никогаш не била поголема. Тука е Брегзитот, мигрантската криза, радикалниот исламизам. Европската Унија ќе продолжи со својот активизам, изјави Дол во својот говор пред присутните.
Во отворената сесија на обраќања на шефови на влади и држави се обрати и премиерот на Република Македонија Емил Димитриев. Тој во своето обраќање се осврна на важноста на европските интеграции како стратешки интерес на Република Македонија, но и улогата на државата во справување на мигрантската криза.
Во однос на мигрантската криза ние докажавме дека имаме капацитет и споделуваме европски вредности потврдувајќи ја својата подготвеност да се биде дел од решението на еден исклучително комплексен проблем. Со ефективна и ефикасна реакција, со успешно менаџирање со границите и исклучително хуман пристап, демонстриравме активна и проактивна улога директно помагајќи на нашите пријатели од ЕУ во справувањето со овој голем хуманитарен, социјален и безбедносен предизвик, за кој и во следниот период е потребна координирана акција. Ризиците се реални и опасноста не е помината, изјави Димитриев.
Премиерот Емил Димитриев посочи дека Македонија докажа дека е лојален партнер на кој може да се потпре Унијата и кога Македонија може да биде еден од столбовите и на браникот на европските интереси, подеднакво важно е да биде и дел од стратешките планови и дел и од семејството на Европската Унија.
Со ова уште повеќе се покажува потребата и значајноста за членство на Република Македонија во Европската Унија што е наша стратешка цел како држава, нешто што е од интерес и на нашата земја но и на европското и евроатланстко семејство, нешто што ќе гарантира безбедност на регионот но и сигурно трасирање на економски и политички сестран развој, изјави Емил Димитриев.
Димитриев посочи дека потребна е одрржлива надеж и извесност на европските интеграции на државите од Западен Балкан.
Европската Унија е заедница на вредности и принципи. Затоа на државите им е потребна визија, но и извесност. Потребни се конкретни чекори и дејствување за целосно остварување на европскиот сон, на кој поднеднакво право има секоја држава во Европа. Членството во ЕУ останува основен приоритет кон кој се стремиме, изјави Димитриев.
Премиерот Димитриев подвлече дека единствената ориентација на Република Македонија останува членството во ЕУ и НАТО.
Во време на премрежија, ние сепак продолжуваме со исполнетите обврски на кој гледаме како патоказ за натамошно подигнување на степенот на исполнување на критериумите за членство и унапредување на квалитетот на живеење на нашите граѓани.Република Македонија е за политика базирана на принципи. Граѓаните се тие кои мора да го имаат главниот и последниот збор, изјави премиерот Димитриев.
Тој посочи дека Република Македонија како и досега ќе продолжи проактивно да вложува во унапредување на односите и во градење на мостови на соработка во регионот како и дека приоритет се добрите соседски односи.
Добриот однос во соседството ќе биде наша заедничка придобивка. Очекуваме возвратно коректност и почитување на правните рамки и принципи од сите наши партнери, изјави Димитриев.