СДСМ: Денес е празникот на Груевски, но времето на лаги заврши, доаѓа новата Влада на граѓаните

СДСМ со соопштение до јавноста во кое стои:

„1 април е празникот на Никола Груевски, затоа што тој е експертот за лажење.

Груевски измисли странски служби и жолти комбиња со тактички опреми што снимале. Потоа целата домашна и меѓународна јавност дознаа дека снимале домашните тајни служби и за тоа веќе се води истрага од Специјалното јавно обвинителство.

Груевски тврдеше дека снимките се сечени, лепени, креирани и монтирани. Неговиот сопартиец Антонио Милошоски призна дека снимките се вистински, а признаа и други.

Груевски тврдеше дека нема да има никакви оставки по скандалите со криминали и злодела објавени во проектот Вистината за Македонија. Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков ги дадоа првите три оставки, а по нив следеа и многу други.

Груевски тврдеше дека нема да даде оставка и да замине од премиерската фотелја. Тој повеќе од една година не е премиер и никогаш повеќе нема да биде.

Груевски тврдеше дека предвремените парламнетарни избори закажани за 24 април ќе се одржат, иако за нив не беа исполнети условите. Изборите беа откажани до создавањето услови да бидат кредибилни.

Груевски тврдеше дека изборите закажани за 5 јуни ќе се одржат дури и без опозиција. И тие избори беа откажани до создавањето услови.

Груевски тврдеше и дека воопшто нема да има избори. Граѓаните на 11 декември излегоа масовно на предвремените парламентарни избори и во огромно мнозинство од околу 700.000 гласаа против него и неговите политики.

Груевски тврдеше дека нема да има техничка Влада за организирање избори. Таа Влада ги одбројува последните денови пред формирањето на новата реформска Влада на граѓаните.

Груевски тврдеше дека се спремаат некакви федерализации и кантонизации. И тоа се покажа како уште една негова голема лага. Единствено што има е Програмата на новата реформска Влада на Република Македонија, којашто ги гарантира унитарноста на државата, заедништвото и реформите во интерес на граѓаните. .

Лагите на Груевски имаат краток рок на употреба.
Заврши времето на лаги на Никола Груевски.

Граѓаните сакаат реформи за живот на сите во Република Македонија. Тие реформи ќе се случат по изборот на новата реформска Влада на граѓаните на Р.Македонија, предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев.“– се вели во соопштението.