Програмата на Европската унија „Креативна Европа“ денеска на Саемот на книгата ги претстави категориите Литературни преводи и Платформи од потпрограма „Култура“.
Преку Литературни преводи во изминатите три години се поддржани 14 проекти на девет издавачки куќи (Три, Паблишер, Или-Или, Антолог, Готен, Арс Ламина, Магор, Бата прес и Нам прес). Со поддршка на Европската унија преведени се 109 дела од европски автори на македонски јазик, а грантот на ЕУ за овие проекти изнесува повеќе од 800.000 евра. Министерството за култура е координативно тело на оваа програма на ЕУ и партнер на нејзините потенцијални корисници од културните и креативните сектори.
Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ на отворањето на настанот рече дека Македонија, заедно со Бугарија, Словенија, Унгарија, Србија и Хрватска, е лидер во користењето на средствата за книжевни преводи од овој европски фонд. Посочи дека досегашната имплементација на програмата „Култура“ на „Креативна Европа“ потврдува дека македонскиот културен сектор ги следи искуствата, интересот, квалитетот и континуитетот од претходната програма „Култура 2007-2013“ која, како што рече, докажа дека операторите во нашата земја ги следат европските трендови и поседуваат капацитет за висококвалитетен концепт кој треба да и се понуди на македонската публика.
„Од друга страна, исклучителните резултати, повеќе од 260 преводи на дела од европската книжевност на издавачките куќи од Република Македонија, отворија нови хоризонти за македонските читатели, односно и овозможија на македонската културна јавност да ги прошири своите знаења за актуелното творештво и наследство на земјите членки кои беа дел од програмата „Култура 2007-2013“, рече Недељковиќ.
Тој ги охрабри потенцијалните корисници, националните и локалните институции, здруженија, приватни организации од областа на културните и креативните сектори и пошироко, активно да се вклучат во користењето на овој инструмент на ЕУ преку кој, рече, може да учествуваат и да реализираат голем број проекти со европска димензија.
Јаромир Левичек, прв секретар на Делегацијата на Европската унија во Скопје, истакна дека културната различност е суштествен дел од идентитетот и вредностите на Европската унија, кои таа ги промовира преку културната дипломатија, но и преку финансиска поддршка на проекти од културата.
„Во светот полн со предизвици, културата поседува огромен потенцијал да ги надмине разликите и да ги подобри меѓународните релации. Европската унија препознава уште еден многу значаен аспект на креативниот сектор – економскиот раст. Економијата на новото време ја движат креативноста, иновациите и пристапот до знаење. Културата и креативните индустрии претставуваат околу три отсто од светскиот бруто домашен производ, а во Европската унија овие индустрии обезбедуваат седум милиони работни места“, рече Левичек.
Беше промовирана и платформата „Версополис“ која е поддржана од ЕУ во категоријата Платформи и од Европската комисија посочена како исклучителен пример на успешен проект. „Версополис“ е единствената европска поетска платформа во која заедно со фестивалот Струшки вечери на поезијата се уште 12 поетски фестивали во Европа. Почна во 2014 година со цел да им помогне на млади поети да го распространат своето творештво надвор од нивните матични земји.
Директорот на СВП Мите Стефоски изјави дека 2017 е последна година од категоријата Платформи и сега реаплицираат за новата Платформи која ќе биде четиригодишна, од 2018 до 2022 година.
„Ширењето ќе продолжи и ќе имаме 15 фестивали во „Версополис“. Таа беше проглаена за пример на успешност во категоријата Платформи, што се должи на остварените цели – промоција на креативните и талентирани творци ширум Европа кои не се доволно афирмирани. Успеавме да направиме европска мрежа на блиску поврзани поетски творци, како и промоција на јазичната разноликост во Европа преку објавување мали книги, буклети, двојазични или тријазични на учесниците во платформата, организација на настани на самите фестивали итн“, рече Стефоски.
На презентацијата на Скопски саем присуствуваа и претставници од канцеларите на „Креативна Европа“ на Словенија и Бугарија, како и претставници на македонските издавачки куќи кои ги споделија своите искуства во користењето на овој механизам на Европската унија.