Никогаш не било разгледувано прашањето Охрид да биде избришан од листата на светските заштитени природни и кутурни богатства на УНЕСКО. Тоа денеска го изјави Ања Сидоренко, еден од тројцата експерти на Светската организација за заштита на природното и културното богатство кои се во мониторинг-мисија во Охрид.
Сидоренко и нејзините колеги во Охрид вршат увид во спроведените активности на терен, со задача да дадат оценка колку се почитуваат нивните препораки за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство.
Таа појасни дека сега тие на терен вршат надзор, по што следуваат состаноци на кои ќе бидат презентирани нивните препораки за како да се работи во иднина.
„Во Охрид вршиме мониторинг на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат,“ додаде таа.
Експертите од УНЕСКО денеска имаа средба со раководството на „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“, по што ќе ги посетат Античкиот театар, Плаошник, црквите „Света Богодорица Перивлепта“, „Света Софија“ Галеријата на икони и објекти на кои се преземени конзерваторски активности.
„Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши конзервацијата, а се дел од културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО.
Остваривме средба со цел да го видиме прогресот и напорите на локалните и националните власти во заштитата на културното наследство и спроведувањето на забелешките на УНЕСКО изнесени на минатогодишната 40-та седница на организацијата одржана во Истанбул“, рече Сидоренко.
Во текот на вчерашниот ден преставниците на УНЕСКО беа во работна посета на НУ „Национален парк – Галичица“, каде се запознаа со активностите на установата, пред се развојните планови што ги предвидува Владата за изградба на поголемите инфраструктурни проекти, како магистралниот пат „А3“ Охрид – Свети Наум, ски-центарот на Галичица и туристичко-развојните зони „Љубаништа“, „Отешево“ и „Стење“.
За посетата на „Галичица“ тие појаснија дека ги разгледале сите проекти предвидени во Националниот парк „Галичица“, со забелешка дека се работи за комплексни проекти за кои била потребна дополнителна експерти за, поради што дел биле испратени на увид кај Комитетот ИКОМОС одговорен за комплексни подрачја што изобилуваат со културни и природни вредности.
Според работната агенда, претставнциите на УНЕСКО е предвидено да се сретнат и со градоначалникот на Охрид и со претставници на невладините организации чии активности се насочени кон заштита на природното богатство и културното наследство.