Еден од трите најголеми тур-оператори во Полска ќе почне да ја продава Македонија на своите туристи. Полскиот туроператор Rainbow минативе неколку денови е на инспекциско патување низ Македонија од кое произлегоа неколку договори со хотели, како и одлуката следната, 2018та година, да почне со чартер летови од Полска до Македонија.
По доаѓањето на полскиот тур-оператор Rego Bis, ова е втор голем тур-оператор кој пројави интерес за нудење на македонските туристички убавини на туристите од Полска.
„Со доаѓањето на овој нов тур-опeратор ќе ги дуплираме бројките од полските туристи. Rego Bis почнува да лета оваа година, а Rainbow наредната, 2018-та година. Ова е можност Македонија да се позиционира како туриситичка дестинација на 38 милионски пазар, и овој пат, ќе ја прошириме нашата понуда, со што фокусот покрај езерскиот туризам, ќе биде и на другите делови од Македонија. “ – изјави Лела Крстевска, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
Трендот на посета на Македонија од полски туристи интензивно расте во изминатите пет години, со што полјаците се вброија во топ 10 туристи кои ја посетуваат земјава. Полска е 8-ма земја во Европа по бројност на популација, додека гостите од Полска кои ја посетуваат Македонија се од 30 до 55 годишна возраст со преференца за култура, историја и активности во природа.