Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети реализираше средба со Pеактивна мониторинг мисија на УНЕСКО/ИКОМОС/ИУЦН за светското добро „Природното и културното наследство на Охридскиот регион“ која од 9-13 април е во посета на Република Македонија со цел согледување на состојбата на заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион и обезбедување технички совети за државата-членка Република Македонија во однос на одлуката и препораките на Комитетот за светско наследство.
Од страна на мисијата на средбата присуствуваа: Ана Сидoренко и Александра Фрејбик, претставници од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Маја Василијевиќ, претставник од ИУЦН (Меѓународна унија за конзервација на природата, советодавно тело на УНЕСКО) и Пјер-Мари Трико, претставник од ИКОМОС (Меѓународен совет за споменици и места, советодавно тело на УНЕСКО).
На овој состанок министерот Амети, направи осврт на планираните проекти: Ски центарот на планината Галичица, изградбата на магистралниот пат А3, развојот на железничкиот коридор VIII и изградбата на Автопатот А2, кои би можеле да имаат влијание врз исклучителната универзална вредност на доброто и неговата состојба и ја истакна потребата за воспоставување на баланс помеѓу одржливиот развој и заштитата на животната средина.
Беше дискутиран и статусот на Нацрт Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, зајакнувањето на правните и регулаторни одредби, потребата за изработка на сеопфатна стратегиска оцена на влијанието врз животната средина (SEA) за Нацрт Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Исто така гостите беа информирани за Одлуката на Владата на Република Македонија формирање на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, како управувачка структура за контрола на развојните притисоци и интервенции врз доброто.
Од страна на претставниците од Центарот за светско наследство на УНЕСКО беше претставен Албанскиот проект: ,,Кон зајакното управување со прекуграничното природно и културно наследство на Охридскиот регион“ кој е дел од “Uprstream“ процесот и кој има за цел подготовка на номинација за можно прекугранично проширување на доброто со Албанскиот дел од Охридското Езеро, со цел зајакнување на вредностите и интегритетот на доброто.
Имплементацијата на овој проект, беше срдечно поздравен и од Република Македонија, кој преку нејзини претставници од националните институции активно беше вклучена во планирање, координирање и имплементација на проектните активности, што се резултат од низата одржани прекугранични средби, работилници и тренинзи од почетокот на проектот во 2014 година до денес.