Компаниите се повеќе ги користат владините мерки за вработување кои даваат огромни резултати. За тоа зборува и досега најмалата стапка на невработеност во Македонија, 23,1 отсто, рече денеска директорката на Центарот за вработување Скопје, Слободанка Алексовска.
Последниве десет години, нагласи, стапката на невработеност е намалена за 14 проценти.
Дури и во услови на политичка криза, невработеноста постојано бележи пад благодарение на добро креираните владини политики и мерки, истакна Алексовска и додаде дека нови 10.000 директни вработувања се предвидени за годинава, но и други, индиректни преку останатите владини програми.
Фирмите, подвлече, се повеќе ги користат мерките зашто ефектите се евидентни, а преку нив 43.000 лица се вработени од 2007 година до денес.
Позитивниот ефект од мерките се согледува преку фактот дека се намалуваат давачките за компаниите, се стимулира нивниот раст и развој и се намалува невработеноста преку креирање услови за отворање нови рабтни места.
Од досегашната примена на политиките за вработување, создадени се можности за зголемување на капацитетите на компаниите и квалитетот на вработените, се стимулира развојот на бизнисите и се создаваат услови за нови работни места.
Околу 70 отсто од невработените кои ги поминале обуките предвидени со програмите и мерките веќе работат, и најави дека до крајот на мај годинава ќе се спроведат три едукативни обуки за компаниите подетално да се запознаат со Оперативниот план за вработување.
Годинашниот Оперативен план содржи 23 програми и 11 видови услуги. Моментно се отворени неколку повици од активните мерки и програми за вработување за кои бизнисот може да се информира во подрачните канцеларии на Агенцијата.
Олеснувањето за фирмите преку владините мерки е во обезбедувањето различни материјални бенефиции како што се субвенциите за плати и придонеси или купувањето нова опрема и репроматеријали, додека придобивка за невработени лица се обуките, преквалификациите, практичната работа, информира Алексовска.
Најмалку 30 отсто успешно ги користат владините мерки за вработување.