Со пригоден час денес охридските Гимназијалци од „Св.Климент Охридски“ го одбележаа 23 април – Светскиот ден на книгата и авторските права.
Востановен во Париз од страна на УНЕСКО во 1995 година, денес овој ден се одбележува во повеќе од 100 земји ширум планетата. Избран е токму 23 април, не само поради смртта на Шекспир и Сервантес на овој ден, туку и поради необичниот празник кој тогаш се прославува во шпанската покраина Каталонија. На денот на Свети Ѓорги, вљубените парови разменуваат книги и цвеќе. Според тамошните издавачи, половина од продадените книги ги напуштаат книжарите токму на овој ден.
Прославувањето се одвива на различни начини. Во Мексико се организираат јавни читателски маратони, во еден град во Шпанија веќе традиционално се одржува акција „Книга на мени“, во која на сите посетители на ресторанот им се подарува книга. Потоа, во улога на библиотекари се појавуваат јавните личности, писатели, актери, професори и други, од кои може да се изнајми книга и добие препорака за одреден наслов. Ученици од Белград направиле „врата на книгата“, поставена на Кнез Михајлова улица, која симболички претставува влез во светот на нови сознанија.
Според еден учесник во ваква акција „Во време во кое толку брзо се живее и во кое важат некои потполно погрешни стандарди, да му кажеш некому читај, звучи скоро брутално.Тоа е моја единствена шокантна, неочекувана порака упатена до било кој. Читајте! Денешното собирање е своевиден апел против рамнодушноста, најнапред кога книга и читањето се во прашање, една мала мантра и вадемекум против сеопштата незаинтересираност“.
Се резимираат бројките, како на најпродаваните автори и наслови, така и на јазици на кои се преведени најголем број на книги. Така, според податоците на Унеско, француски, германски и англиски се јазиците на кои се преведени најмногу книги, но се забележува и голем скок на кинескиот на оваа листа.