Попладнево во хотелот „Гарден“, беше приготвена шопската салата која што влезе во Гинисовата книга на рекорди. Салатата ја подготвуваа готвачите од хотелот како и познати јавни личности, помеѓу кои беа претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, советникот, Климе Шешоски и раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов. Комисијата од Гинисовата книга на рекорди, внимателно го следеше целиот процес на подготовка и на крај потврди дека 202,86 – те килограми шопска салата се доволни за Гинисов рекорд.
Претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, пред присутните изрази големо задоволство до хотелот „Гарден“, Македонско – руската стопанска комора, „Македонски трговски дом“, за поддршката на ваквата иницијатива што ја покренаа Ина Жарова и најпознатиот угостителски критичар во Русија, Олег Назаров, која што придонесува кон промоција на градот на еден поинаков начин.
Во Охрид пристигнаа дел од сопствениците на најпознатите ресторани во Русија, кои исто така учествуваа во подготовката на салатата. За нејзината подготовка беше изработен специјален сад на кој сите што учествуваа во подготовката на салатата се потпишаа.
Комисијата, откако го потврди новиот Гинисов рекорд, на претседателката на Советот и на сопственикот на хотелот „Гарден“ им врачи соодветен сертификат.
Откако заврши подготовката и верификацијата на Гинисовиот рекорд, сите присутни имаа можност да ја вкусат шопската салата.