Со промоцијата на романот „Македонка – Книга за балканскиот фронт“ од германскиот автор Ханс Ерке на македонски јазик, ние даваме придонес за зголемување на корпусот на бројни преведени литературни и научни дела од германски автори кои заслужуваат особено внимание и се јасно препознатливи по јасно изразената ’Македонистика’ и препознавање на Македонија и Македонците, особено во Првата светска војна, истакна министерот Зоран Јолевски на денешната промоција на преводот на овој значаен роман во Порта „Македонија“.
Овој роман го опишува животот на германските војници во Првата светска војна кои од западниот фронт се упатуваат кон фронтот во Македонија, а ја отсликува и реалноста во која земјата се опишува како Македонија, војувањето е на „македонските граници“ и во „македонските градови“, војниците се запознаваат со „македонските селанки и селани“, додека „Македонки“ и „Македонци“ ги играат и пеат „македонските ора и песни“.
Во обраќањето министерот посочи дека издавањето на книгата на македонски јазик е плод на соработката со Министерството за одбрана на СР Германија и е во рамките на заедничкото одбележување на 100 години од Првата светска војна и заедничките страдања и жртви на сите народи. Во првата светска војна загинале повеќе од 10 милиони луѓе, а близу 20 милиони биле ранети.
Министерството за одбрана преку Воениот музеј врши постојани истражувања на военото минато на Македонија со особено внимание на настаните, личностите и делата кои ги афирмираат националните вредности на Македонија и Македонците. За нас од особена важност се препознавањето на взаемноста на македонскиот и германскиот народ изразени преку контактите и врските во минатото кои се основа за изградба на денешното пријателство и соработка на сите полиња, а особено во одбраната.