Во рамките на проектот поддржан во Годишната програма на Министерството за култура на Р. Македонија од меѓународна дејност, во Бурса Р. Турција, во соработка со локалната и општинската власт беше организирана изложба на стари фотографии на Скопје.
На овој културен настан како претставник од Министерството за култура присуствуваше државниот секретар Бехиџудин Шехаби. Покрај државниот секретар Шехаби присуствуваа и Ирина Кротокова како претставник од секторот за меѓународна дејност и УНЕСКО и Даниела Николова, од музејот на Македонија како куратор на изложбата и носител на проектот.
Во прекрасниот амбиент на Стариот Амам во Бурса кој е преадаптиран во галериски простор честа да ја отоворат изложбата им припадна на градоначалникот на градот Бурса, г-дин Реџеп Алтепе и државниот секретар при Министерството за култура на РМ, г-дин Бехиџудин Шехаби.
Двајцата претставници на збратимените градови Бурса и Скопје во своите обраќања говореа и за книгата „Спомен за Скопје“, напишана од државниот секретар Бехиџудин Шехаби и Даниела Николова од музејот на Македонија, а финансиски поддржана од градот Бурса.
Во обраќањата на градоначалникот и државниот секретар, особено беше потенцирана сличноста на двата града и културните вредности кои ги поседуваат, а датираат од Османлискиот период. И двајцата се сложија дека сличноста помеѓу овие два збратимени града, најмногу доаѓа до израз кога се споредуваат старите фотографии од Бурса со старо Скопје.
Градоначалникот Реџеп Алтепе, како и државниот секретар при Министерството за култура на РМ Бехиџудин Шехаби на крајот подвлекоа дека и во иднина ќе продолжат соработките помеѓу овие два града особено на полето на културните активности, кои ќе бидат во интерес на зајакнување на односите помеѓу овие две држави за што поголема афирмација не само во полето на културата туку и во останатите сфери на живеење.