Денеска (27.04.2017) околу 18,50 часот граѓаните кои протестираа во организација на граѓанската инцијатива „За заедничка Македонија“, насилно влегоа во просториите на Собранието на Република Македонија. Во нарушувањето на јавниот ред и мир со повреди се здобиле неколку пратеници во Собранието и неколку цивили. При обидот да бидат спречени во намерата 10-тина полициски службеници се здобиле со повреди при што беа префрлени на скопските клиники.
Во оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи присутни се сите раководители: Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу, Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, Заменик Директорот на Бирото за јавна безбедност г-дин Бесир Деари, Помошници на министерот, Помошници на директорот како и останатите раководители-членови на Оперативниот штаб.
Во Оперативниот Штаб 20:08 часот – Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, издаде наредба на припадниците на специјалната единица да применат овластување и да создадат услови за безбедна евакуација на пратениците и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Во 20:27 часот припадниците на специјалната единица влегоа во Собранието на Република Македонија и до 20:43 часот евакуирани се 30 пратеници.
Мерки се преземаат и понатаму во Собранието.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија дополнително ќе ја извести јавноста за натамошните случувања.