Димитриев апелира на смиреност и разумност

Димитриев апелира на смиреност и разумност

„Почитувани,

Македонија вчера преживеа драматичен, непријатен, тежок и непосакуван ден.

За жал, бевме сведоци на насилство кое не му одговара никому, и од кое сите ние како граѓани сме засрамени, пред се заради имиџот и интересот на Република Македонија.

Го осудувам насилството од секој облик, физичкото насилство од злонамерни поединци врз пратениците, насилството кое го доживеаа и граѓаните, и насилството врз процедурите, Деловникот, законот и Уставот.

Би сакал на повредните да им посакам што побрзо опоравување, и сакам да апелирам на враќање на состојбата во нормала.

Го осудувам изведувањето на химна на странска држава во македонското Собрание.

Како премиер не се согласувам со неделовничкиот начин за незаконски обид за избор на претседател на Собранието, и ускратувањеато на правото на говор на пратениците, и овие две работи претставуваат грубо нарушување на принципот на владеење на правото.

Ваквиот незаконски обид за избор на претседател на Собранието треба да биде поука за сите дека во иднина не треба да се превземаат останати неделовнички, незаконски и изнасилени чекори во Собранието бидејќи може да создадат огромни ризици и расцеп во граѓанското ткиво. Се надевам дека сите ќе се однесуваат одговорно во иднина.

Не се согласувам и со обидот на министерот за внатрешни работи Арбен Нухиу да персонализира некаква наводна одговорност во директорот на бирото за јавна безбедност Митко Чавков и во полициските професионалци и припадниците на полицијата, кои ја имаат мојата доверба и почит како премиер. Истовремено сум возменирен и жалам заради некои информации за прекумерна употреба на сила врз некои граѓани од страна на некои полицајци иако бев информиран дека тактичкото постапување на полицијата било согласно стандардите.

Би истакнал дека институциите функционираат и ќе функционираат. Уставот и законите мора да се почитуваат. Демократијата е можна само преку почитување на процедурите и суштината на законите.

Апелирам за смиреност и разумност кај сите политички партии. Партиите и политичките лидери треба да се фокусираат кон деескалација, стабилизација и фокусираност кон заедничките цели кои ги имаме како држава и како нација.

Ги повикувам граѓаните на смиреност и зачувување на квалитетни меѓуетнички и меѓупартиски односи.

Поделбите не водат кон добро, сега е потребно повеќе од порано да покaжеме заедништво и обединување околу најдобриот интерес за Република Македонија.“- истакна Димитриев.