Во врска со немилите настани што се случија на 27.04.2017 година во Собранието на Република македонија, на 09.05. и 10.05.2017 година од страна на СВР Скопје во соработка со Основното јавно обвинителство-Скопје преземени се мерки и активности за идентификување на други лица учесници во настаните.
На 09.05.2017 година во 12.30 часот , поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“ по член 384 од Кривичниот Законик на Република Македонија, на информативен разговор било повикано лицето И.К. (37) од Скопје. Полициски службеници од СВР Скопје извршиле разговор со лицето, во кој истиот ги појаснил преземените дејствија. Имено, откако И.К. влегол во салата каде се одржувала прес конференција, со употреба на физичка сила го нападнал пратеникот З.З., а воедно фрлил стол кон вработени од обезбедувањето. По извршениот разговор, во 16.15 часот на 09.05.2017 година, лицето е ослободено и против истиот ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство“ по член 384 од Кривичниоит законик на Република Македонија.
На 10.05.2017 година, со наредба од Судија на претходна постапка, во 06.00 часот извршен е претрес во домот на лицето К.Ѓ. (39) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело” по члшен .385 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Од извршениот претрес биле пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони, кои со потврда за привремено одземени предмети му се одземени. К.Ѓ. заедно со неговиот татко Ц.Ѓ. (68) се приведени во ПС Кисела Вода. При преземањето на мерките и активностите било утврдено дека во салата 3, каде се одржувала прес конференција, Ц.Ѓ. најпрвин фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле пратеникот З.С. СВР Скопје, во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје, во моментов презема мерки и активности во врска со горенаведените лица, а во насока на потврдување и документирање на дејствијата, за што дополнително ќе бидете известени.
Исто така, СВР Скопје, во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје, и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните што се случија на 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните, а се работи и на повикување на лица на службени разговори кои досега се идентификувани како лица кои биле присутни или учесници во настаните во Собранието на Република Македонија на критичниот ден.