Бесплатни обуки за претприемништво за млади до 29 години

Сите млади луѓе до 29 години кои се невработени од денеска ќе можат да аплицираат за бесплатна обука за претприемништво во Агенцијата за вработување на Р. Македонија. Целта на овој проект е да се унапредат знаењата, вештините и компетенциите на младите луѓе за полесно да можат да најдат работа и да основаат свој сопствен бизнис.

Обуките ќе траат до 1 декември и со нив е предвидено да бидат опфатени 950 лица.

Како што информира денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата Влатко Поповски, станува збор за проект поддржан од ЕУ со 300 илјади евра. По обуките, младите ќе можат да изготват бизнис-план и со него да конкурираат за останатите мерки за вработување што ги нуди државата.

Обуките ќе се спроведуваат од страна на консултантски компании на ниво на цела Македонија, а ќе траат по пет дена или вкупно 45 часа, но за да стартуваат неопходно е да се пријават најмалку 10 лица, истакна Поповски.

Оваа мерка, објасни директорот, порано беше во рамки на самовработувањето со грант, но сега се спроведува посебно со цел конкретна едукација и поголем поттик за претприемништвото.

Одговорајќи на новинарски прашања, Попоски истакна дека во првиот оглас за грант објавен во март годинава од пријавените 1.250, 440 биле лица до 29 години. Досега, 40 до 45 отсто од грантовите се доделени на млади лица што покажува голема заинтересираност, подвлече директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.