Британската мега популарна виолинистка Ванеса Меј за прв пат доаѓа во Македонија, каде вечерва ќе се претстави пред публиката во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје. Годинава тоа ќе биде нејзин единствен концерт во регионот. Концертот е во организација на „Прагма Продукција“, а е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и Македонската филхармонија.
Ванеса Меј Венкорн Николсон, професионално позната како Ванеса Меј, е британска мега популарна виолинистка. Атрактивната и популарна виолинистка некогаш била нарекувана како „чудо од дете“, а сега е една од најпознатите виолинистки на сите времиња.
Позната е по спојот на техно и класичниот стил во своите изведби. Уште на свои 16 години ги поместува музичките граници кога го објавува албумот „Violin Player“, формирајќи необичен микс на џез, поп и техно звук, но се издвојува и по нејзините сценски настапи и необичен изглед. Албумот веднаш по објавувањето се нашол на Топ-листите во над 20 земји од светот. Првиот солистички концерт го има на само 9 години, а веќе на 10 години настапува со симфониски концерт. До нејзините 13 години веќе објавува 3 албуми. Запишана е во Гинисовата книга на рекорди како најмладиот инструменталист кој изведува виолиниски концерти на Бетовен и Чајковски. Особено остава впечаток со нејзината изведба на „Токата и фуга “ на Јохан Себастијан Бах во Д-мол, која е копирана низ целиот свет.
Ванеса е првиот изведувач на класичен инструмент кој бил номиниран за престижните БРИТ-награди со номинацијата „Најдобар женски изведувач“. Во 2006 година е рангирана како една од најбогатите млади изведувачи со заработка од над 32 милиони фунти од концерти и продажба на 10 милиони албуми ширум светот, што е вистинска реткост за еден виолинист.
На своите концерти Ванеса свири на два типа виолини, и тоа класичен модел на Guadagnini од 1961, чија вредност се проценува на 150 илјади фунти, и електрична виолина Zeta Jezz, со чија комбинација приредува едно незаборавно уживање на публиката насекаде низ светот.