Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и заменик министерот на Министерството за човечки ресурси и социјална сигурност на Народна Република Кина Фу Џингуо потпишаа Меморандум за соработка во областите на трудот и социјалната сигурност помеѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за човечки ресурси и социјална сигурност на Народна Република Кина. Меморандумот претставува продлабочување на досегашната соработка меѓу двете држави во оваа област и со него ќе се овозможи размена на искуства и експерти, размена на посети на министерско ниво, како и заедничко организирање на обуки и реализација на заеднички проекти.
Министерот Ибрахими и заменик министерот Џингуо по потпишувањето на Меморандумот оценија дека билатералната соработка со движи во нагорна линија и дека со потпишувањето на Меморандумот се очекува таа уште повеќе да се интензивира.
„Со потпишувањето на Меморандумот државните службеници од Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и од Министерството за човечки ресурси и социјална сигурност на Народна Република Кина ќе имаат одлична можност взаемно да си помагаат и соработуваат во областа на трудовото законодавство, креирањето и имплементирањето на политиките за вработување со посебен акцент на вработувањето на младите, трудовата инспекција и социјалната сигурност, како и со акцент на шемата на старосно социјално осигурување со што ќе се обезбеди создавање на подобри услови за живот на граѓаните на двете пријателски земји”, рече министерот Ибрахими.
Тој појасни дека: “Ваквата соработка ќе се одвива пред сѐ преку размена на информации и искуства за тековните состојби во наведените области, размена на посети на министерско ниво, размена на посети од страна на експерти во специјализирани области, заедничко организирање на курсеви за обука, семинари и конференции, реализација на заеднички проекти во областите од заеднички интерес, како и други форми на соработка кои што би можеле да бидат договорени помеѓу двете страни, а се со цел долгорочно решавање на проблемите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Република Македонија и Народна Република Кина”.
Заменик-министерот на Министерството за човечки ресурси и социјална сигурност на Народна Република Кина посочи дека денешниот Меморандум е првиот документ за соработка меѓу двете држави во областа на трудот, вработувањето и социјалната сигурност.
„Верувам дека соработката во областа на трудот, вработувањето и социјалната сигурност ќе игра значајна улога во билатералните односи меѓу Македонија и Кина и ќе придонесува кон социјалниот развој”, рече Џингуо. Кинеската делегација предводена од заменик-министерот за кинеското Министерство за човечки ресурси и социјална сигурност е во неколкудневна посета на Македонија.