Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими се обрати на третиот по ред Саемот за вработување кој се одржува во организација на Агенција за вработување на Република Македонија и кој има за цел поврзување на понудата и побарувачката на работната сила.
На овогодинешниот Саем се присутни 60-тина компании. Покрај во Скопје, во текот на наредните триесеттина дена ќе се реализираат уште шест вакви настани во неколку градови низ државата.
Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, во своето обраќање подвлече дека за работодавачите од приватниот сектор овие Саеми за вработување претставуваат можност да ја презентираат својата дејност и слободните работни места, со што, како што рече, стануваат поатрактивни за вработување.
„Овој настан ќе ни овозможи сознанија за занимањата кои се барани од страна на работодавачите, со што младите луѓе ќе можат да се насочат во вистинска насока за нивно полесно вработување по завршување на образовниот процес. Работодавачите имаат можност да ја презентираат својата дејност, производи, услуги и сите други аспекти од нивното работење, како и да остварат контакти со голем број невработени лица. Од друга страна, посетителите на Саемот имаат можност да се запознаат со условите што ги нудат работодавачите за вработување, како и за нивно вклучување во програмите за практикантство и обука. Исто така, постои можност да закажат интервју со работодавачите, да остават своја работна биографија и да добијат информации за побарувањата на пазарот на трудот”, рече Ибрахими.
Информира и дека во рамките на Саемите за вработување се организираат и Форуми со работодавачи и Инфо средби со младите лица.
Тој потсети и на останатите мерки и активности во насока на намалување на невработеноста и зголемување на можностите за вработување на невработените лица што резултира со континуирано намалување на стапката на невработеност во Република Македонија од 36 проценти во 2006 година, на 23.7 проценти.
„Намалувањето на невработеноста, односно падот на стапката на невработеност укажува на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработување, насочени кон отворање нови работни места, позитивните ефектите кои ги даваат новокреираните работни места од страна на странските инвеститори, но и креираните работни места од страна на домашните компании, како и зголемената соработка меѓу странските и домашните компании која дополнително ја поттикнува потребата од нова работна сила”, рече министерот.
Ибрахими истакна дека во периодот 2007-2016 година во активните програми и мерки за вработување што ги спроведува Владата и МТСП преку АВРМ учествувале повеќе од 102.000 невработени лица, а во моментов, како што информира, вработени се 43 од нив. Додаде дека особен акцент се става на вработувањето на младите лица, кои се дел и од проектите Македонија вработува 1 и 2.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Мкаедонија Влатко Поповски смета дека настани од ваков вид се многу корисни за младите да можат да се информирани кој видови на занимања се побарувани и така да го насочат своето образованиеие или пак да побараат можност за да се доквалификуваат.
На досегашните Саеми за вработување, како што информира, имало над 70 илјади посетители, биле доставени над 21 илјада работни биографии, a биле остварени и над 2.500 илјади директни вработувања.