Јордан е земја која е позитивен пример, која придонесува за стабилноста на Блискиот Исток и од интерес на Македонија е да биде присутна на безбедносно-разузнавачки, но и на економски план, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по средбата со Кралот на Јордан, Абдула II.
„Јордан е земја која е конструктивна и голем придонесувач за мирот во регионот. Јордан е домаќин на Светскиот економски форум многу години и улогата на Кралот е потенцирана од многумина, бидејќи Јордан успева во овој период на големи турбуленции во многу региони во светот, а особено на Блискиот Исток, да покаже како треба да се справуваме со предизвиците“, изјави претседателот Иванов.
Претседателот Иванов, посочил дека ова е негова втора средба со кралот на Јордан, откако на минатогошната нивна средба во рамки на Генералното собрание на Обединетите Нации, двајцата државници се согласиле за интензивирање на соработката меѓу двете земји во повеќе сфери, особено во разузнавањето и размена на информации за сите оние закани што од Блискиот Исток доаѓаат во Европа и особено на Балканот.
„Средбата беше многу конструктивна и укажавме на постигнатиот напредок во сферата на размена на информации и соработка на планот на разузнавањето. Јордан има преку еден милион бегалци официјално, а неофицијално многу повеќе и ја има улогата на посредник, земја, која се обидува да укаже на сета онаа состојба што со години е присутна на Блискиот исток и во Северна Африка“, истакна претседателот Иванов по средбата со Кралот.
Претседателот најави потпишување на повеќе договори со Јордан, со што значајно би се унапредила нормативно-правната рамка и економската соработка меѓу двете земји.
„Јордан е земја каде што многу земји од Блискиот Исток обезбедуваат храна, вода и лекови, и се што е неопходно. Ние имаме 17 години воспоставено дипломатските односи и наследство кое е голем капитал и кое треба да се искористи. Преку 1000 луѓе во Јордан на високи позиции од естаблишментот завршиле факултет во Скопје во времето на поранешна Југославија“, рече македонскиот претседател.
Македонската заедница, додаде претседателот Иванов, бара интензивирање на соработката со матичната земја, а многу од овие некогашни земји сакаат побрзо да се воспостави правна рамка за да можат економските односи да почнат да соодвествуваат на она што сме го имале некогаш, кога сме биле во Југославија, изјави претседателот, посочувајќи дека постојат многу потенцијали за развивање на соработка преку Јордан и со земјите од Блискиот исток.
Кралот на Јордан е домаќин на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка, што се одржува во Аман, а претседателот Иванов учествува на негова лична покана.
На Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка учествуваат над 1000 политички лидери, претставници од бизнис секторот и цивилното општество, од повеќе од педесетина држави, меѓу кои кралот на Шпанија, Фелипе VI, ирачкиот претседател Фуад Масум, египетскиот претседател Ал Сиси, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија, Федерика Могерини, комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, холандскиот МНР, Берт Коендерс, норвешкиот МНР, Борге Бренде, Словачкиот МНР, Мирослав Лајчак и други.