Министерството за внатрешни работи на Република Македонија го поздравува повикот на Македонскиот полициски синдикат за правично и непристрасно утврдување на фактите во врска со настаните што се случија во Собранието на Република Македонија на 27.04.2017 година. Министерството високо ги цени ваквите сугестии и потенцира дека секогаш било и ќе биде на страната на правдата и почитувањето на законските прописи.
Меѓутоа, министерот д-р Агим Нухиу и останатите одговорни лица во Министерството немаат намера да се мешаат во работата на Одделот за внатрешна контрола и Работната група која ги истражува настаните од 27 минатиот месец во Собранието. Доследно ќе се почитува нивната автономија и професионалност во донесувањето одлуки. Согласно тоа, Министерството за внатрешни работи верува дека Одделот за внатрешна контрола ќе донесе правно издржани одлуки во врска со сите поединечни случаи. Министерството го информира Синдикатот и јавноста дека поведување дициплинска постапка и времено отстранување од работното место не значи автоматски престанок на работниот однос.
Министерството за внатрешни работи упатува повик до претседателот и одговорните во Македонскиот полициски синдикат за средба во кабинетот на министерот во време кое нив им одговара. Само на тој начин, со заедничко партнерско делување, ќе можеме да придонесеме во решавање на овој и на сите други проблеми што ги засегаат членовите на синдикатот и сите вработени во Министерството.