Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи против 11 полициски службеници од СВР Скопје и против четворица припадници на Единицата за брзо распоредување поведе дициплинска постапка и им врачи решенија за времено оддалечување од работните места, додека на еден висок старешина во Министерството му е врачено решение за времено оддалечување од работното место. Решенијата се донесени во врска со немилите настани што се случија во Собранието на Република Македонија на 27.04.2017 година.
Одделот за внатрешна контрола, врз онова на прегледаниот доказен материјал, утврди дека нивното присуство на работните места негативно ќе се одрази врз работењето на Министерството поради што е потребно нивно оддалечување од работните места се до завршување на дисциплинската постапка. Од видео материјалот било констатирано дека полициските службеници пасивно ја набљудувале масата на граѓани која се обидувала да влезе во поголем број во Собранието и не преземале дејствија со кои би им помогнале на другите полициски службеници. По насилното влегување на масата во Собранието овие полициски службеници продолжиле пасивно да се однесуваат во холот и на скалите и не преземале никакви службени дејствија со што овозможиле на масата непречено да се движи во Собранието.
Врз основа на констатираната состојба, Одделот за внатрешна контрола утврди дека во конкретниот случај овие полициски службеници не примениле мерки од овластувањата со што постапиле спротивно на Законот за полиција, Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, Упатството за начинот на однесување и меѓусебни односи на полициските службеници и спротивно на Кодексот на полициската етика.