Во врска со настаните од 27.04.2017 година во Собранието на РМ, во текот на иминатите денови од страна на Единицата за насилен криминал во СВР Скопје до Основно јавно обвинителство Скопје доставена е уште една кривична пријава, против лицето Ј.Ч. (28) од Прилеп, поради постоење основи на сомневање за извршено кривично дело-“учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ предвидено и казниво по чл.385 од КЗ на РМ.
Пријавениот, на 27.04.2017 година околу 19,00 часот на ул. “11 ти Октомври“, откако со употреба на физичка сила насилно влегол во Собранието на Република Македонија, се упатил во прес салата 3 каде било обезбедувањето на претседателот на СДСМ по што почнал да го турка и влече. Истиот, во еден момент успеал да се приближи до претседателот на СДСМ кого физички го нападнал удирајки го со нога во пределот на стомакот.
Од страна на Единицата за насилен криминал обезбеден е видео запис со дејствијата кои ги презема и изготвен е фото албум.
На 19-ти овој месец пријавениот Ј.Ч. е повикан, извршен е разговор во кој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело, а во консултација со Јавен обвинител по извршениот разговор истиот бил ослободен.
Воедно, до Основно јавно обвинителство доставено е едно Известување во врска дејствие на ОСЛ М.М. (45) од Охрид, вработен во Единицата за потраги при СВР Скопје.
Имено, истиот иако бил службено ангажиран за постапување по најавениот протест од граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ како физичко обезбедување на протестот, околу 19,00 часот кога поголем дел од граѓаните учесници на протестот насилно влегле во Собранието преку главниот влез, М.М. влегол во Собранието при што и по наводите на неговата изјава и изјавата на А.А., вработен како Виш инспектор во Одделот за заштита на определени личности и објекти, во моментот кога А.А. го извадил од футрола службениот пиштол и испукал еден проектил во воздух со цел да ја спречи и предупреди толпата, М.М. го фатил за раката при што се обидел насилно да му го одзеде службениот пиштолот.
Во Собранието, М.М. е присутен од 19,00 часот во првите редови од толпата до лицата С.Т. и А.Т. (обезбедување на З.З. и О.С.), каде истиот нешто им зборува и снима со мобилниот телефон, иако не бил службено ангажиран внатре во Собранието. Од страна на Единицата за насилен криминал обезбеден е видео запис со дејствијата кои ги презема ОСЛ М.М. и изготвен е и фотоалбум.
Исто така, завчера (20.05.) а по претходно распишан локален распис на аеродром “Александар Велики“ Скопје, лишено од слобода е лицето К.Т. (37) од Охрид, по што е спроведено во ПСОН „Кисела Вода“ и од страна на полициски службеник е задржан. Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје обавен е разговор со лицето, по што е дактилоскопирано и ослободено, а во консултации со Јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните случени на 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, како и на идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните.