Активностите за реконструкција и модернизација на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид треба да завршат најдоцна за четири месеци со што болницата ќе може да работи во полн капацитет.
За модернизација на болницата во опрема вложени се два милиона евра, а за реконструкција на објектот, кој датира од 1950 година, се наменети околу 3,7 милиони евра.
Увид во работите на реконструкцијата на болницата денеска направи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски придружуван од вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.
Според директорот на болницата д-р Митко Тилев, во моментов болницата работи со 50 проценти капацитет поради одвивање на градежните зафати, но, како што рече, целосно се покриваат обврските кон Фондот и кон пациентите. Додаде дека само минатата година извршени се над две илјади операции, од кои 500 ендопротези кои се сметаат за потешки операции.
Болницата со набавките преку Министерството за здравство доби модерен дигитален рендген апарат кој овозможува побрза дијагностика и навремен третман на пациентите, а набавен е и томограф.
Веќе е во пробна функција томографот. Од следната недела очекуваме да почнеме со закажување на термини за снимање, рече д-р Тилев.
Според министерот Тодоров, со реконструкцијата опфатен е стариот дел од болницата, а целосно е доградена и карабината во непосредна близина од болницата која е наменета за Кардиолошкиот завод.
„До септември планираме да заврши целосно реконструкцијата, а болницата ќе функционира според најсовремените стандарди. Секоја соба има по два до три кревети најмногу, тоалет со туш. Ќе располага и со вкупно шест операциони сали, од кои четири за трауматолошки, две за кардиолошки интервенции и две за ангиографија. Интензивната нега ќе функционира по најсовремени стандарди по принцип на посебни боксови како во Клиничкиот центар во Скопје и во Штипската клиничка болница. На тој начин се овозможува да нема интрахоспитални инфекции“, рече Тодоров.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачевски, кој инаку е специјалист по кардиологија, истакна дека апаратот за електронска томографија ќе може да го користи и Кардиолошкиот завод за прецизна дијагностика во случаи каде тоа не може да се направи со коронарографија.
Покрај модернизација и реконструкција на објектот, болницата „Свети Еразмо“ се работи и на обезбедување специјалистички кадри. За таа цел испратени се четири специјализанти во Словенија и 10 кои специјализираат во Скопје на различни проблематики.