АКУД “Мирче Ацев” се врати од Германија со пет освоени награди од пет пријавени категории. Имено, Академскиот хор, Ансамблот за народни ора и песни и Народниот оркестар при АКУД “Мирче Ацев” со поддршка на Министерството за култура, беа учесници на меѓународниот фестивал “HARMONIE”, кој се одржува на секои шест години во градчето Линденхолцхаузен – Лимбург.
Академскиот хор се натпреваруваше во три категории: категорија- мешани камерни хорови со обврзна композиција, категорија – фолклорни песни и категорија – фолклорни хорови ( со придружба од Народниот оркестар ), Ансамблот за народни ора и песни во својата категорија на играорни ансамбли и Народниот оркестар во својата категорија на оркестри.
Меѓународната жири комисија составена од музички експерти од : Аргентина, Германија- два члена, Бугарија, Шведска и Англија ги оценуваа пријавените хорови кои се натпреваруваа во 13 категории. Академскиот хор во силната конкуренција освои бронзена награда во категоријата – камерни мешани хорови, сребрена награда во категоријата – фолклорни песни и прво место-златна награда во категоријата фолклорни хорови.
Ансамблот за народни ора и песни ја освои сребрена награда, а исто така и Народниот оркестар ја освои сребрената награда.
Дотолку повеќе се значајни овие награди, поаѓајќи од фактот дека на фестивалот “HARMONIE” оваа година учествуваа 218 хорови и фолклорни ансамбли од целиот свет, со околу 3000 учесници.
Фестивалот се одржа под покровителство на Канцеларот на Германија – Д-р. Ангела Меркел.
По завршувањето на официјалниот дел на Фестивалот, ансамблите на АКУД “Мирче Ацев” изведоа заеднички концерт со домаќините каде беа сместени членовите во малите градчиња Швабенхеим и Ворштад.
По впечатоците на диригентот и членовите на хоровите- домаќини, за заедничкиот концерт- рекоа дека имале сензационален концерт со сите ансамбли на “Мирче Ацев” и дека се горди што ги имале како гости на концертот во Ворштад.