Заменик–министерот за култура Драган Недељковиќ денеска оствари работна средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Олег Шчербак, на која го потпишаа Протоколот меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Руската Федерација за организирање Денови на македонската култура во Руската Федерација во 2018 година и Денови на руската култура во Република Македонија во 2017 година.
Двајцата соговорници на средбата се согласија дека Република Македонија и Руската Федерација негуваат одлични односи во областа на културата кои се карактеризираат со размена на многубројни проекти и културни содржини меѓу двете земји.
Недељковиќ и Шчербак оценија дека од огромна важност е воспоставената директна соработка меѓу институциите од областа на културата во Македонија и во Русија, кои во изминатата деценија реализираа голем број проекти и културни содржини со што публиката имаше можност да се запознае со културното наследство и современите постигнувања на македонската и на руската култура.
Недељковиќ и Шчербак изразија уверување дека со потпишувањето на Протоколот ќе се унапреди соработката и ќе придонесе за дополнително меѓусебно запознавање со културните вредности на двете пријателски земји, кои имаат имаат слични културни традиции.
Деновите на македонската култура во Руската Федерација е предвидено да се одржат во текот на 2018 година, додека руските културни вредности во нашата земја ќе се презентираат до крајот на оваа година преку настапот на светски еминентниот хор со вековна традиција „Пјатницки“, кој пред македонската публика ќе се претстави со руски изворни песни кои се обележје на руската етномузиколошка традиција. Амбасадорот Шчербак на средбата го изрази своето задоволство што Република Македонија е меѓу првите земји на динамичната агенда на меѓународни настапи на овој руски хор формиран во 1911 година.