Во рамки на ЕУ твининг проектот “Натамошно подобрување на системот за развивање и имплементација на Националната рамка на квалификации”, делегација на Министерството за образование и наука, беше во студиска посета на Полска, каде оствари средба со полската министерка за образование Ана Залевска, на која беа разменети искуства за процесот на воспоставување и развивање на националните рамки на квалификации како алатки за промоција на доживотното учење, комуникација со сите заинтересирани страни и корисници на рамката и воспоставување на рамнотежа помеѓу услугите што ги нуди образованието и потребите на пазарот на труд.
На средбата беа разгледани и активностите за промовирање и препознавање на важноста на рамката, развивање на меѓуинституционалната соработка, а посебно, за развивање на квалификации кои ќе бидат препознати и признати на пазарот на трудот.
Делегацијата од МОН се осврна и на стратешките приоритети од Програмата за работа на Владата на Република Македонија кои се однесуваат на унапредувањето на квалитетот на квалификациите и политиките за градење на општество засновано на знаење, компетенции и поттикнување на доживотното учење. Процесот на воспоставување на Национална рамка на квалификации ќе има и дополнителна улога на реформирање на националниот систем на образование, кој ќе обезбедува квалификации засновани на резултати на учење, во чие креирање ќе учествуваат надлежните органи, работодавачите, здруженијата, образовните установи, студентите, односно сите засегнати општествени чинители.