Запленет 1 килограм хероин на ГП Богородица

На 2 јуни 2017 година, околу 03:50 часот на влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица, се пријавил автобус на редовна линија од Турција за Македонија, со турски регистарски ознаки.
При вршење на царинска контрола, кај еден од патниците со македонско државјанство пронајдени биле 4 пакетчиња (и тоа 2 пакетчиња облепени со селотејп на стомакот под маицата и 2 пакетчиња на двете нозе) наполнети со прашкаста материја со кафеава боја која реагира на НИК тестер за присуство на опојна дрога хероин, со вкупна тежина од 1.055 грама.

Од спроведената постапка на Секторот за контрола и истраги утврдено е дека пријавениот дрогата ја набавил во Истанбул, за паричен надомест од 1000 евра. Така „подготвен“ пријавениот се упатил кон автобуската станица во Истанбул и се качил на автобусот кој сообраќал на релација Истанбул – Струга. Царинската управа поднесе кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело и истата ја достави до надлежното јавно обвинителство, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор.

Покрај ова, во текот на минатата седмица, царинските службеници открија неколку обиди за криумчарење, при што привремено се задржани, девизи, разна стока, делови за камиони и фалсификати.
Задржана е следната стока:

Девизи

– 3.800 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул. Во џебови од облеката на патникот биле пронајдени 5.800 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, му се вратени на патникот а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.

Разна стока

– 94 парчиња облека (детски комплети, маици и јакни), 312 пара очила за сонце, 195 парчиња бижутерија и рачни часовници, 34 термостати и делови за термостати, 6 резервни делови за камиони (пумпа за менувач и клипови), 751 парчиња рачни алати (клешти, одвртувачи, штрафцигери и хебли), 400 килограми гума за ѓонови, 142 литри лепак, 15 килограми супер лепак, 18 литри боја за кожа, 61 парче боја и крема за чевли, 1 машина за обработка на ѓонови, 650 пара влошки за чевли, 1 лустер, 10 килограми темјан, 26 црковни производи (кандила, црковен мебел и крстилница), 350 метри чипка, 2 тепиха и 1 чајник, откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавената стока за која возачот не поседувал никаква документација, била пронајдена во товарниот дел на камионот, помеѓу легално пријавената стока. Вредноста на непријавената стока е проценета на околу 550 илјади денари, поради што случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа за понатамошна постапка.

Делови за камиони

– 17 резервни делови за товарни возила (амортизери, цилиндар за кочници, плочки за кочници и светилки), откриени при контрола на бугарски камион, управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените делови се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 1 рачен часовник и 2 женски рачни чанти, со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на две пратки наменети за две физички лица, од кои едната од Хонг Конг наменета за примач од Битола, а другата од Кина наменета за примач од Скопје.

Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе бидат отпочнатаи постапки за утврдување на нивната оригиналност.