Со пригодна свеченост и игра на децата од детската градинка „Јасна Ристеска“, денес беше пуштена во употреба пешачко рекреативната патека од каналот Студенчишта до Горица. Не криејќи го своето задоволство од реализацијата на овој проект во обраќањето пред присутните, градоначалникот Никола Бакрачески истакна дека оваа патека, одамна била потреба и барање на охриѓани.
„Знам дека секој од вас го искусил задоволството од пешачење, трчање, спортување, рекреирање на оваа патека, сето она што оваа рекреативна зона го нуди за граѓаните и верувам дека сите го делиме моето чувство на задоволство. Природата во Охрид многу дала и Бог не штедел кога давал тука и секако дал и разум оваа природа адекватно да ја искористиме и да можеме да уживаме во задоволствата кои ги овозможува. Еден од начините да уживаме во природата е и градбата на вакви рекреативни зони. Морам да бидам искрен и нескромен пред вас, во овој период од две години откако почнаа градежните активости на оваа патека, добиваме пофалби од граѓани од цела Македонија и тие траат до денес. Тоа не исполнува и мотивира да продолжеме понатака во изградбата на вакви рекреативни зони, пешачки патеки за охриѓани и гостите, но и обврзува и понатаму посветено и напорно да работиме на разубавување на градот во сите негови делови и каде е можно,“ – подвлече Бакрачески.
Патеката е долга 1390, а широка 12 метри, со две патеки за велосипеди и ролери, а по средината е хортикултурно уредена и осветлена. По целата должина има и скејт парк и фитнес зона, а наскоро се очекува и изградба на ново детско игралиште. Вредноста на целиот проект изнесува 41.116.880 денари, од кои 14.000.000 денари се обезбедени преку ИПА програмата за прекугранична соработка со соседна Грција.