Спасовски: За срамниот чин на 27 април мора да има одговорност

Ви ја пренесуваме интегрално денешната прес конференција на министерот Оливер Спасовски:

Ве повикавме во Министерството за внатрешни работи, да ги обелодениме пред вас и пред јавноста на Република Македонија наодите до кои дојде Работната група формирана на 3 Мај 2017 со решение од мојот претходник , г-дин Агим Нухиу.

Работната група работеше повеќе од еден месец многу посветено и напорно со цел да ја утврди фактичката состојба. По претходно усвоена методологија на работа, беше извршен увид во обемната службена документација, поврзана со настанот, беа извршени разговори со голем број на припадници на МВР, а членовите на работната група поминаа и часови во прегледување на службен видео материјал, како и видео материјал од повеќе телевизиски куќи.

Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на членовите на Работната група за работата која максимално совесно и професионално ја завршија, како и на вас медиумите кои имавте трпение да го чекате Извештајот на работната група.

Сакам да ви укажам дека Информацијата која ви ја доставуваме е само преработен сепарат од целосниот Извештај на работната група, кој е класифициран и согласно позитивните законски одредби не е достапен за општа употреба. Извештајот ќе преставува основа за преземање на понатамошни стратешки мерки и активности во правец на реформирање на министерството. Исто така ќе преставува основа за понатамошно постапување на организационите единици во МВР и останатите државни органи во рамките на нивните надлежности.

Што покажува и докажува Извештајот на работната група ?
Скенирањето на состојбите, анализирањето на причинско-последичните врски на настаните, резултираа со утврдување на формално-правните пропусти и недоследности во актите и процедурите, откривање на системски недоследности, воочување на дисфункционалности кај одредени организациони облици на МВР, со што децидно се наметнува потребата од одредени реформски зафати во целиот систем. Меѓутоа, воочувањето на намерните пропусти односно свесно пропуштање (отсуство) на дејствување на одговорните лица во системот, јасно ги детектираше претпоставките за нивна индивидуална одговорност.

Настаните од 27 Април потврдија колку бев во право кога како министер за внатрешни работи во Пржинската влада изјавував дека –полицијата мора да се департизира, деполитизира и декриминализира. А денес, како екс-пратеник кој беше жртва на ваквата полиција, сум уште поубеден дека ова мора да ми биде примарна задача.

Од друга страна, јас длабоко верувам дека Министерството за внатрешни работи има и институционални и кадровски капацитети да се справи и со многу посериозни ситуации од оваа. Тврдам дека доколку секој целосно професионално си ја вршел работата во рамките на своите надлежности, ништо од настаните на 27 април немаше да се случи.
Изразувам длабока почит кон храброста и професионалноста на оние припадници на МВР кои на 27.04.2017 година, најсовесно си ги извршуваа своите задачи и обврски.

Очигледно е дека некој ја злоупотребил својата положба и со тоа го овозможил нападот врз пратениците и новинарите. За овој срамен чин, мора да има одговорност. Без расчистување на овој случај и без санкционирање на одговорните, ова министерство не може да продолжи да функционира нормално. Сакам јасно да кажам дека, овој извештај со филигранска прецизност го потврдува она што сите веќе подолго време го знаеме, а тоа е дека заради партизираноста на одредени раководни структури во министерството, овој државен орган падна на испитот на извршување на некои од своите со Устав и закон утврдени надлежности.

Ова министерство мора целосно да се департизира и декриминализира, да се ослободи од се она што претставува товар за негово професионално функционирање.

На вистинските професионалци во МВР и на граѓаните на Република Македонија им должиме ова Министерството да го исчистиме од срамот од 27 април, заедно да ја вратиме честа, угледот и довербата кон Министерството како респектибилна, професионална и државна институција во служба на граѓаните.

Во продолжение е дел од извештајот за утврдување на фактичката состојба на настанот на 27.04.2017 година во Собрание на РМ

ВОВЕД
На ден 27.04.2017 година, по ескалацијата на ненајавениот јавен собир во организација на граѓанското движење “За заедничка Македонија”, дојде до насилен упад на граѓани во Собранието на РМ при што беа повредени повеќе пратеници, новинари, припадници на МВР и граѓани. Со цел утврдување на фактичката состојба на настанот од 27.04.2017 година, Министерот за внатрешни работи на 03.05.2017 година формира Работна група.
На 03.05.2017 година, Министерот за внатрешни работи формира Работна група со цел утврдување на фактичката состојба на настанот од 27.04.2017 година.
Работната група имаше задача целосно да ја утврди фактичката состојба на настанот од 27.04.2017 година, што се случи во Собранието на Р Македонија, да изврши анализа како е постапено во конкретниот случај од страна на надлежните организациските единици во МВР кои биле должни да ги преземат мерките и активностите за обезбедување на Собранието на Р Македонија, дали преземените мерки и активности биле во согласност со законите, подзаконските и интерните акти и утврдените процедури за постапување со цел да утврди дали се направени одредени пропусти, пречекорување на овластувањата, неизвршување на работните задачи и обврски, непрофесионално и неетичко однесување.
Работната група согласно утврдената методологијата ги реализира следните активности: увид во службената документација; изврши разговори со 35 припадници на МВР; анализа на настан (SWOT анализа); преглед на видео материјал од телевизиски куќи; преглед на службен видео материјал; преглед на достапните аудио записи од Тетра системот на МВР.
РЕЗИМЕ
Во реализирањето на планираните активности по оперативната акција биле вклучени организациски единици од МВР(БЈБ и УБК) кои во рамките на своите надлежности биле должни да постапуваат.
При преземањето мерки и активности во делот на меѓусебната комуникација и известување, координација, хиерархиска поставеност, командување, како и примената на полициските овластувања од страна на припадниците на организациските единици, не се испочитувани во целост воспоставените процедури.
Во делот на командувањето, недостасува единствена команда во донесување на одлуките, во издавањето команди и во координираното постапување на организациските единици кои се задолжени да постапуваат по акцијата. Исто така, недостасуваат и јасни команди од страна на Оперативниот штаб во МВР и помошниот штаб на СВР Скопје, со одговорните на терен.
Оваа состојба се одразила и врз процесот на организација и планирање на работата, како на Оперативните штабови, така и во планирањето на полициските ресурси, но и непосредно во постапувањето на полициските службеници на терен.
Врз основа на анализата на фактичката состојба, констатирано е дека при преземање на конкретните мерки и активности на припадниците на МВР, во обезбедување на Собранието, направени се пропусти и тоа: во процесот на собирање на информации; недостаток на соодветни анализи; планирање на ресурсите;проценка на ризиците; примената на полициските овластувања; како и во делот на извршување на работните задачи. Исто така, пропусти се утврдени и во делот на професионалното и етичкото однесување на полициските службеници кои ги извршувале работните задачи пред и за време на настанот.

Во извештајот со анализата е констатирано следното:
1. Со отпочнувањето на ненајавените јавни собири Бирото за јавна безбедност донело одлука за воспоставување на Оперативна акција, со цел организирано настапување на полицијата и преземање на плански мерки и активности во насока на следење на ненајвените јавни собири;
2. Воспоставената Оперативна акција од формално-правен аспект е во согласност со одредбите од Упатствата и Стандардните оперативни процедури, кои ја регулираат оваа материја;
3. Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи немал јасно и прецизно дефинирани надлежности, а членовите на штабот и тимот немале утврдени конкретни задачи, што влијаело на процесот на планирањето и организацијата на работа, како и на донесувањето на одлуките;
4. Процесот на информирање и давање задачи во рамки на Оперативниот штаб, не е јасно дефиниран и недостасува јасна постапка за донесување одлуки во различни ситуации;
5. Управата за безбедност и контраразузнавање до Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи не доставила Проценка за безбедносната состојба во Р Македонија, обврска која произлегува од одржаниот состанок со министерот за внатрешни работи;
6. Недостатокот на оперативно разузнавачки информации и сознанија, влијаел на процесот на процената на безбеденоста проценка и донесувањето одлуки.
7. За ден 27.04.2017 година, Оперативниот штаб не направил соодветна проценка на состојбата и координација со организациските единици вклучени во Оперативната акција;
8. Планот за мерки и активности на Секторот за внатрешни работи Скопје во кој се предвидени можни сценарија и фази на постапување на 27.04.2017 година, не е активиран;
9. На 27.04.2017 година од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје не е користен видео надзорот на „Безбеден град“, која обврска произлегува од одржаниот состанок со министерот за внатрешни работи;
10. Насилното влегување на граѓаните во Собранието е резултат на отварањето на главниот влез од внатрешната страна, што довело до загрозување на безбедноста во Собранието;
11. Полициски службеник од внатрешното обезбедување во обид да ги обезбеди вратите, бил спречен во преземањето на дејствието од страна на пратениците;
12. Дел од полициските службеници од Одделот за заштита на определени личности и објекти кои биле присутни во Собранието при отварање на влезните врати, не презеле дејствија за спречување на истото.
13. Ризикот од внатрешно отварање на вратите на Собранието, воопшто не бил предвиден во Проценките и Плановите;
14. Членовите на Оперативниот штаб и Оперативниот тим од Одделот за специјални полициски операции, не биле присутни во Штабот, а навремено биле известени за текот на настаните и целокупната состојба во Собранието на Р Македонија;
15. Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи навремено бил известен дека во Собранието на Р Македонија, мнозинството пратеници пристапиле кон избор на Претседател;
16. Одговорниот за обезбедување на јавниот собир, навремено известувал за состојбата пред Собранието на Р Македонија и барал дополнителни полициски сили, за што Помошниот штаб на Секторот за внатрешни работи Скопје навреме го известил Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи;
17. Раководителот на внатрешното обезбедување на Собранието на Р Македонија навреме го известил Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи за состојбата пред и по насилниот влез на граѓаните во Собранието на Р Македонија;
18. Одговорните за внатрешното и надворешното обезбедување на Собранието на Р Македонија навремено укажале на потребата од дополнителни сили, но од Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи и Помошниот штаб на Секторот за внатрешни работи Скопје, биле информирани дека нема дополнителни сили кои би се упатиле за обезбедување на Собранието на Р Македонија;
19. За 27.04.2017 година, за обезбедување на Собранието на Р Македонија, Бирото за јавна безбеднсот немало планирано полициски службеници во резерва (приправност);
20. Раководителот на Оперативниот штаб (златна команда) и раководителите на надлежните организациски единици во БЈБ, иако биле исполнети условите, навремено не издале наредба за повикување на припадниците на Одделот за специјални полициски операции;
21. Началникот на Секторот за внатрешни работи Скопје (сребрена команда) навремено го известил Раководителот на Оперативниот Штаб (златна команда) за состојбата и насилното влегување на граѓаните во Собранието;
22. Раководителот на Оперативниот Штаб (златна команда) дури по 20,30 часот издал наредба на полициските сили на Одделот за специјални полициски операции, за употреба на средства за присилба, со цел извлекување на пратениците од прес салата во Собранието со што е воспоставена единствена команда која резултирала со ефикасно и координирано постапување на полициските сили за обезбедување на поволна безбедносна состојба во и околу објектот на Собранието на Р Македонија;
23. Оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи и покрај неколкуте навремени барања за евакуација на пратениците од внатрешното обезбедување, до 20,30 часот не издал наредба за евакуација на пратениците, иако за тоа биле исполнети условите предвидени во Плановите;
24. Од извршениот увид во просторијата за мониторинг на безбедносните камери на Собранието, утврдено е дека недостасуваат два хард дискови со снимен видео материјал од безбедносните камери;
25. Системот за снимање на аудио записите од Тетра системот на Министерството за внатрешни работи не функционирал во целост;
26. Министерот за внатрешни работи во 17,59 часот преку СМС комуниикација го предупредил раководителот на Оперативниот штаб во МВР, дека состојбата во Собранието на Р Македонија може да ескалира. Повратно од страна на раководителот на Оперативниот штаб во МВР преку СМС комуникација бил известен дека состојбата е под контрола. Министерот за внатрешни работи остварил телефонска комуникциија и со други членови на Оперативниот Штаб кои исто така го информираат дека состојбата е под контрола.Откако, Министерот за внатрешни работи добил информација дека состојбата во Собранието на РМ ескалираат и се упатил кон Оперативниот Штаб се обидел да оствари телефонска комуникација со раководителот на Оперативниот Штаб, која не е остварена, односно прекината е секаква комуникација се до пристигувањето на Раководителот на Оперативниот Штаб во Штабот на МВР. По пристигнување на Министерот за внатрешни работи во Оперативниот Штаб на МВР, барал веднаш да се преземат сите неопходни мерки и активности, вклучувајќи и брза евакуација на пратениците, но не се преземени адекватни активности согласно дадените насоки од страна на Министерот, се до доаѓање на Раководителот на Оперативниот Штаб ВО 20,07 часот.
Работната група при анализата на состојбите за 27.04.2017 година, врз основа на утврдените констатации идентификува одредени препораки во насока на понатамошно истражување на настаните со цел утврдување на индивидуални одговорности и евентуална организираност, како и активности за организациски реформи во МВР.
1. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да ги истражи констатираните пропусти и ги утврди индивидуалните одговорности на полициските службеници;
2. Секторот за внатрешни работи Скопје да продолжи со преземање на активности за откривање на кривичните дела и прекршоци сторени за време на настаните на 27.04.2017 година, ги открие сторителите и утврди дали постои организираност во извршувањето на кривичните дела и прекршоци;
3. Да се ревидираат и усогласат подзаконските акти на МВР со кои ќе се дефинираат надлежностите на Оперативен штаб и поединечните задачи на членовите во Оперативниот штаб, како и во однос на делот на терминологијата, прецизното дефинирање на работните процеси и меѓусебно усогласување на одредбите кои се недоволно јасни и прецизни;
4. Анализа на постоечката организациска структура на БЈБ, од аспект на функционалност, нивоа на одлучување, преклопување на надлежности, усогласеност на работните процеси на организациските единици и согласно тоа да се изготви соодветен предлог;
5. Спроведување на обуки на полициските службеници заради имплементација на прописите кои се применуваат во секојдновото работење, во однос на примената на одредбите од Законот за Собрание и Деловникот за работа на Собранието;
6. Развивање на систем и механизам за информирање на вработените во МВР на РМ со актуелните прописи, добри пракси, се со цел подигање на стручното и професионално работење, ефикасност и ефективност во извршување на работните задачи на полициските службеници;