Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска одржа работен состанок со претставници на 10 здруженија на граѓани кои што работат на полето на унапредување на правата на лицата со попреченост со цел да се запознае со програмските активности на секое од здруженијата.
На состанокот Министерката Царовска го потенцираше значењето на цврстиот партнерски однос и активното учество на лицата со попреченост и нивните семејства за унапредување на положбата на лицата со попреченост до позиција на рамноправни граѓани кои што ќе ги уживаат сите права и одговорности во ова наше општество.
Таа рече дека Министерството за труд и социјална политика ќе даде поддршка на сите граѓански здруженија и организации на лицата со попреченост. Лицата со попреченост ќе имаат можност преку активна партиципација да учествуваат во донесување на одлуки и врз основа на добиените сознанија, мислења, барања и сугестии Министерството ќе пристапи кон изготвување на квалитетни законски решенија и програми кои што ќе допринесат кон понатамошно унапредување на правата и достоинството на децата со посебни воспитно образовни потреби и лицата со попреченост, како и системски пристап кон решавањето на потребите и проблемите на лицата со секаков вид и степен на попреченост.
Министерката Царовска на средбата рече дека усогласувањето на сите политики на делување на подрачјето за заштита на лицата со попреченост согласно со домашните и меѓународни стандарди како начин на создавање на највисока стапка на современа заштита и пристапност до сите права и нивно реализирање без дискриминација и надградување на домашната правна рамка на подрачјето на заштита на лицата со попреченост, како и создавање на услови за имплементација на законодавството и следење на неговата примена се цел на Министерството за труд и сиијална политика.
На состанокот се подвлече и потребата од мултиресорски пристап за изнаоѓање на соодветни решенија за подобрување на човековите права, достапноста и вклучувањето на лицата со попреченост, развивање на ефикасна правна заштита како и сензибилизација на општеството низ подигнување на свеста за негување на еднаквоста. Се разговараше и за достапност на услуги кои што се базирани на потребите на лицата со попреченост, како и потребите за развивање на политики, мерки и применети програми, кои ќе ги поттикнат на самостојност, личен развој и активен живот, достапност на лицата со инвалидност во севкупното општествено како и обезбедување на стандарди за квалитетен живот и социјална сигурност.