Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнево се сретна со амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец.
На средбата е изразена силна поддршка за новата реформска Влада предводена од премиерот Заев, како можност за најсериозен исчекор досега на Македонија во евроатлантските интеграции.
„Владата презема обврска и ќе ги спроведе потребните реформи што треба да донесат добра иднина на граѓаните и на Република Македонија“, рече премиерот Заев.
На состанокот посебно е нагласена потребата за реформи во правосудството што треба да обезбеди функционирање на правната држава.
Претседателот на Владата, Заев најави интеграција на сите сили во општеството за реализација на важните реформи. Исто така премиерот Заев ја потврди определеноста на Владата за добрососедски односи, со цел продлабочување на соработката во регионот, во интерес на граѓаните и државите.
На состанокот се разговараше и за интензивирање на економската соработка помеѓу Македонија и Словенија, како и за можноста за нови словенечки проекти во Македонија, во областа на економијата.
Словенечкиот амбасадор Јазбец соопшти дека Република Словенија останува силен поддржувач на интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО и дека на новата реформска Влада се гледа како на сериозен партнер во односите, како меѓу Македонија и Словенија, така и меѓу Македонија и ЕУ. Премиерот Заев изрази благодарност од име на граѓаните на Република Македонија за помошта, заложбите и големиот пријател што го има Македонија во Република Словенија, во сите важни демократски процеси и во евроатлантските интеграции.