Би сакал да го изразам моето искрено задоволство од денешниот состанок со мојот драг пријател, Комесарот Хан. Имавме многу конструктивна и отворена размена на мислења во однос на перспективите на Република Македонија во ЕУ.
Пред да зборувам за содржината на состанокот со комесарот, сакам да изразам големо задоволство за можноста денес да имам средби и со претседателoт Туск, и со потпретседателот на Европската комисија и Висок претставник, Федерика Могерини, ќе имам средба подоцна и со генералниот секретар на НАТО Столтенберг.
Се согласивме дека Македонија, како и останатиот дел од државите од Западен Балкан се партнери на ЕУ и дека сега ни треба поддршка повеќе од кога било, во смисла на сигнали и придвижување во однос на интеграциите во ЕУ.
Им благодарам за охрабрувачките пораки кои што денеска ги примивме токму од нив.
Ова е мојата прва официјална посета откако бев избран за Премиер на Владата на Република Македонија. Тоа ја покажува нашата јасна ориентација и посветеноста на мојата Влада за да го зајакнеме процесот на интеграциите во ЕУ. За нас членството во ЕУ нема алтернатива.
Членството во ЕУ е клучен стратешки приоритет на Република Македонија. Имаме за цел да ги отпочнеме преговорите за членство што е можно побрзо. Македонија е земја кандидат за членство од 2005 година и се уште ги нема започнато преговорите за членство. Верувам дека ќе се согласите со мене дека е крајно време овој процес да се придвижи нанапред.
Сосема ми е јасно дека поддршката која ја уживаме денес треба да биде оправдана со вистинските резултати кои што треба да ги постигнеме дома, кои примарно ќе бидат насочени кон зајакнување на судството, владеењето на правото и реформите во јавната администрација.
Затоа ми причинува особено задоволство што ја имав можноста да разговарам со Комесарот Хан за итните реформски мерки кои се потребни за да Комисијата може да ги тргне условите од препораката за започнување на преговори за членство. Ќе ги продолжиме нашите дискусии и блиски консултации токму во таа насока.
Со мене се и заменик претседателот на Владата за европски интеграции, г-дин. Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и заменик Претседателот на Владата и министер за одбрана Радмила Шекеринска, бидејќи целата Влада ќе треба да направи напор, во отворен дијалог со опозицијата и граѓанското општество да направи исчекор напред. Мојот план е да подадеме рака и да обезбедиме широк инклузивен процес во општеството и поддршка за реформите.
Развој на добрососедските односи е друг важен дел од мојата програма. Ни требаат добри и силни односи, соработка со нашите соседи, кои ќе бидат базирани на заедничка почит. Заради тоа, мојата прва билатерална посета овој месец ќе биде во Софија, да се сретнам и дискутирам со премиерот Борисов за тоа како може да ја зајакнеме соработката и да изградиме мостови за взаемна поддршка.
Исто така, министерот за надворешни работи патува во Атина во среда со цел да отвори нови можности за поблиска политичка соработка.
За време на средбата со комесарот Хан разговаравме за Транспортната заедница и договорот кој што ќе биде потпишан на Самитот во Трст. Искажавме интерес да бидеме држава домаќин на седиштето на Секретаријатот на Транспортната заедница. Исто така даваме целосна поддршка на иницијативата за Регионална економска интеграција која на Берлинскиот процес ќе му даде дополнителна суштина.
На самиот крај, би сакал да кажам нешто за заедничките предизвици со коишто се соочуваме сите заеднички: миграцијата, борбата против тероризмот, радикализмот и насилниот екстремизам кои се многу важни заеднички предизвици кои подеднакво не загрижуваат сите нас. Токму затоа овие предизвици бараат заеднички и глобален пристап и ангажман за нивно решавање.
Во таа смисла, дозволете ми да ја подвлечам нашата посветеност да работиме заедно со ЕУ на соочување со овие предизвици бидејќи тие не запираат на ниту една граница ниту пак постои држава која е имуна на овие предизвици.
П1: Господине Заев, дали има Владата капацитет и конкретна реформска агенда да испорача резултати со цел Комисијата наесен да ја обнови препораката имајќи предвид дека голем дел од клучните реформски приоритети бараат и поддршка од опозицијата?
Благодарам на прашањето. Како што реков и во изјавата, тоа беше дел и од разговорите со Комесарот Хан. Имаме намера да ја придвижиме Македонија многу брзо кон целосна интеграција во Европската унија, секако соодветно на чекорите коишто претстојат, преку повик и вградување на опозицијата, граѓанското општество и сите други чинители коишто имаат свој капацитет и можат да помогнат во овој процес. Уште во процесот на формирањето на Владата ги испративме пораките на соработка, на инклузивност внатре. Како што знаете за прв пат од самостојноста на Македонија, предадовме мнозинство во комисиите во Парламентот, неколку на број да бидат токму водени од опозицијата заради тоа што ако имаме успех на овој пат, успехот ќе биде заеднички и на власта и на опозицијата, и на граѓанскиот сектор и на сите коишто ги повикуваме и еве овде од Брисел, да се вградат и да придонесат кон брзо чекорење кон добивање на датум за преговори и секако полноправно членство на Македонија во Европската Унија.
П2: Ќе се обидам да бидам конкретен, дали е технички изводливо за Европската Унија и политички прифатливо од ваша страна, да се поднесе апликација за членство и да се напредува под времената референца БЈРМ?
Јас знам дека секогаш ако се има пријателски однос, добар пристап може да се најде решение на се. Едно ми е јасно дека Македонија во периодот пред нас ќе се занимава повеќе со европската иднина отколку со европското минато, или минатото на нашите земји од самиот регион. Истовремено, сум свесен дека Грција е наш голем пријател и тие можат, секако, да застанат на нашиот процес во интеграциите, буквално на секое подглавје, вкупно 35 пати, но во моментот, ако Македонија даде причина градејќи дополнително пријателство со своите соседи, вклучително и со Грција, можеме да очекуваме дека ќе се створи во најмала рака, поголем позитивен амбиент за разговарање и за ова чувствително прашање. Јас знам дека на мојата земја и треба поддршка од соседите, и треба поддршка и од Грција и заради тоа знам дека пријателите, граѓаните на Грција преку владејачката партија и преку опозицијата, ќе водат грижа да и помогнат на Македонија на својот пат кон интеграциите во Европската Унија и на својот пат кон интеграциите во НАТО.