Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, заедно со Зоран Шпуриќ министер без ресор задолжен за регулативата за подобрување на бизнис клима за домашните претпријатија и Рамиз Мерко министер без ресор задолжен за странски инвестиции денес ја посетија општина Струга, каде разговараа и ги разгледуваа можните решенија за санација на проблемите предизвикани од дивата депонија во Струга.
„Денес сме во Струга да го разгледаме проблемот со депонијата во овој град кој што бара брзо решавање. Ние како Министерство, врз основа на заклучокот од вчерашната седница на Владата на РМ, донесовме одлука да формираме комисија која ќе работи интензивно на изнаоѓање на ургентни и ефиксни како и долгорочни мерки за решавање на овој проблем. Работната група ќе ја сочинуваат претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски и Дирекцијата за спасување и заштита“ – истакна министерот Дураку, нагласувајќи дека Министерството во соработка со градоначалниците, во периодот што претстои ќе работи на расчистување на сите диви депонии во државата, што се разбира е процес кој бара време и средства.
За решавање на проблемот со непрописното одлагање на комуналниот отпад се очекува финансиска подршка од ИПА фондовите.