Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, оствари средба со претставничките на Форумот за демократска Македонија, г-ѓа Емилија Тодорова и г-ѓа Маја Панова. На средбата министерот ги запозна со почетните активности, како и со плановите и идеите за работата на министерот и за развивање на соработката со дијаспората. Тој истакна дека со самото тоа што еден од министрите во владата е задолжен за дијаспората, се покажува нејзината определбата да ѝ даде на дијаспората дополнителна не само политичка туку и суштинска тежина.
Претставничките на Форумот за демократска Македонија ја претставија својата организација, која е натпартиска, мултиетничка и мултиконфесионална, и отворена за сите наши сограѓани во странство, кои имаат заеднички интереси и проблеми. Нивниот проглас е објавен на седум јазици, а веќе е готова и нивната програма. Нивните заложби се во правец на демократизација на Македонија, слобода на медиумите, засилување на владеењето на правото и на човековите права, но и активности во областа на образованието, науката и културата. Форумот ја изрази својата подготвеност за соработка во сфери од своето дејствување.
Заеднички беше констатирано дека треба да се изградат мостови на доверба и партнерство меѓу институциите на системот и иселениците, од кое ќе произлезат придобивки за државата и за сите граѓани на Р Македонија.