Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески заедно со амбасадорот на Република Франција во Македонија Кристијан Тимоние денеска во Демир Капија остварија средба со претставниците на компанијата ЕЖИС, која е надзорен орган за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. На средбата министерот и амбасадорот биле информирани со процесот на изградба на автопатот и преостанатите работи што треба да се дозавршат.
„Контролниот центар треба да биде направен во Неготино со цел да профункционира сигнализацијата која е поврзана со тунелите и автопатот да биде пуштен во употреба до 1 ноември кога е крајниот рок“, изјави министерот Сугарески.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние истакна дека е задоволен од сработеното на автопатот Демир Капија – Смоквица од страна работата на француската компанија „ЕЖИС“ која беше назначена како надзорен орган за проектот за изградба на оваа автопатска делница.
„Особено сум горд што најголемото француско инжењерско претпријатие беше избрано за надзор. ЕЖИС спроведе извонредна работа која веќе е при крај и која најверојатно ќе има силни економски ефекти врз македонската економија затоа што автопатот ќе значи премин и поврзување од Салцбург до Солун,“ изјави Тимоние, додавајќи дека станува збор и за трансфер на технологија и знаење.