Под мотото „Движи се, да не заборавиш да одиш“, двајцата вљубеници во планините Жанко ЗШ Голабоски и Мишко Танески викендов ќе се обидат да го свртат вниманието на јавноста кон здравиот начин на живот, но и убавините на пошироката околина на Охрид.
Нивниот подвиг од Охрид до „Магаро“ и назад ќе се одржи во недела на 18-ти јуни, по неколку месечни подготовки. Голабоски и Танески ќе одат пеш по Галичица по следната патека долга 50 километри: Охрид – Велестово – Черешнана – Студино – врв Бугарска чука – врв Лакоси гној, по што ќе следува спуст до превојот Галичица и искачување на врвот „Магаро“.
Мишко Танески на 2.245 метри високиот врв ќе го прослави својот 46-ти роденден, а Голабоски 30 години од матурата. По кратка пауза ќе започне враќањето назад со спуст до превојот „Баба“, искачување на Лакоси гној, потоа кон Бугарска чука, Студино, Велестово и Охрид.
Целта на акцијата е да се раздвижат луѓето од сите возрасти да избегаат од урбаната џунгла и да бидат дел од природата. Вакви акции и слични планинарења се планирани и во иднина за разни целни групи – логорувања, еко патроли, подршка на лица со хендикеп и сл.
Во акцијата учествуваат и планинари и вљубеници на природата од „ЗШ Авантура“, многу индивидуалци, а кон акцијата ќе се приклучат и планинари од Ресен и цела Македонија кои ќе бидат дел од настанот „Tour De Galicica“, кој го организираат членовите на клубот „Prespa bike“ кои ќе ја поминат Галичица со велосипеди.
За сите планинари кои сакаат да се искачат на „Магаро“, тргнувањето е во 08:00 часот од преслапот Галичица (куќа на Црвен крст).
Поддржувачи и помагатели на овој планински маратон се: маркетите „Тамаро“, ТА „Венус травел“, такси „Мерцедес“, хотел „Тино Св. Стефан“ и мото центар „Амбасадор“.
На Facebook ќе можете да го следите искачувањето преку фотографиите и видеата :
https://www.facebook.com/zanko.zsh.1
https://www.facebook.com/taneski.misko