Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи на Турција Чавушоглу

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Мевлут Чавушоглу.

На средбата, беше разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи и зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција. Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционалното пријателство и партнерство, како и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, кои се потврда за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија високо ја вреднува поддршката од Турција за употребата на уставното имe на Република Македонија и интеграцијата на земјата во НАТО.

„По решението на политичката криза време е да се создаде нов поттик за членството на Република Македонија во НАТО. Како и досега, ја очекуваме вашата отворена и гласна поддршка”, истакна на средбата претседателот Иванов.

Министерот Чавушоглу ја реафирмираше поддршката што Република Турција ја дава на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, укажувајќи дека Република Турција ќе биде доследна на таа континуирана поддршка.

Македонскиот претседател и министерот Чавушоглу разменија мислења и информации за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно политички интерес за двете земји, и за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и Република Турција. Во таа насока, претседателот Иванов ја истакна потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

Двајцата соговорници ја поздравија економската соработка, со очекување за нејзино натамошно интензивирање, како и плодната соработка на полето на одбраната. Претседателот Иванов се заблагодари за логистичката поддршка за опремување, едукација и обука на АРМ, како и за досегашната хуманитарна помош добиена од Република Труција.