Средби на премиерот Заев и владина делегација на највисоко владино и државно ниво во Бугарија

Денеска и утре, 20-ти и 21-ви јуни 2017 година, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со владина делегација е во дводневна работна посета на Република Бугарија, каде што ќе има средби на највисоко владино и државно ниво.

Во составот на владината делегација што ја предводи премиерот Заев се заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

„Стратешки определби на Република Македонија се интеграциите во Европската унија и НАТО. Остварувањето на овие цели значат долгорочна стабилност и безбедност за граѓаните на Македонија, но и за целиот регион. Затоа, поддршката од соседите е од големо значење, а ние како одговорна Влада сме подготвени да бидеме активен дел од значајните добрососедски и интегративни процеси“, е ставот со којшто е дојден премиерот Заев на официјалните средби во Бугарија.

Првата средба на премиерот Заев е со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов. Состанокот е планиран за 09.50 часот (по македонско време) во Владата на Република Бугарија.

Премиерот Заев и владината делегација на Македонија во Бугарија ќе има средба со претседателот на Република Бугарија, како и работна вечера со претседателот на бугарскиот Парламент, Димитар Главчев.

Средбата на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев е планирана за 14:00 часот (Кабинет на претседателот на Република Бугарија).

Во рамките на владината посета во Бугарија предвидени се и одделни средби помеѓу министрите од Република Македонија и нивните колеги од Бугарија.