Во рамки на активностите за подобрување на конкурентноста на пазарот на трудот, согласно годишната програма на Секторот за ТЛЕР за 2017, започна реализацијата на стручни обуки за невработени лица, како и обуки за преквалификација и доквалификација во соработка со соодветни институции и работодавачи, со цел стимулирање на социјалната интеграција на невработените и подобрување на нивните квалификации за идно вработување.
Во насока на успешно остварување на планираната активност Општина Охрид преку Секторот за ТЛЕР спроведе анализа за побаруваните занимања во поглед на различните образовни профили и степенот на образование (вклучувајќи високообразован, технички, занаетчиски кадар и слично) на ниво на општина Охрид. Анализата беше спроведена со цел да се добијат релевантни податоци за обемот на побарувачка на работна сила, како и профилот на занимања кои се бараат во Охрид со што би се овозможило полесна вработливост на граѓаните.
Согласно резултатите од спроведеното анкетно истражување анкетираните компании како дефицитарни кадри ги истакнале: електро струка, пекари и сметководители.
Планираните обуки ќе ги спроведува Општинската јавна установа „Кузман Шапкарев“. Вкупниот фонд на часови преку кои ќе се реализираат обуките изнесува 60, а обуките започнуваат од среда, 21 јуни 2017 година.
Со оваа мерка ќе бидат опфатени вкупно 30 лица (13 лица за сметководство, 10 лица за основни познавања од електро струка и 7 лица за пекари), кои претходно беа избрани на јавен повик за пројавување на интерес врз основа на претходно дефинирани критериуми.
По завршувањето на обуките, за стекнатите вештини и знаења, кандидатите ќе добиваат сертификати со кои ќе можат полесно да аплицираат на пазарот на трудот. Воедно, истите ќе бидат испратени на интервју за вработување кај компаниите кои во текот на истражувањето посочиле недостиг на кадри од одредена струка.