Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Кралството Норвешка, Борге Бренде.
На средбата двајцата соговорници изразија подготвеност за продолжување и унапредување на севкупната соработка, како и за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Кралството Норвешка.
Соговорниците разменија мислења за актуелните политички случувања, за евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и за безбедносните прашања и предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот.
„Не само нашата држава и регион, туку и Европа, и целиот свет се соочува со сериозни предизвици. Бегалската и мигрантската криза, тероризмот и безбедносните ризици, растечката нетолерантност и непочитување на различностите, непочитувањето на меѓународното право, се само дел од предизвиците, кои бараат тесна соработка и глобални одговори”, порача македонскиот претседател.
Продолжувањето на процесот на проширување треба да биде стратешка цел на ЕУ, независно од внатрешните и надворешните предизвици со кои се соочува Унијата, а стабилен, безбеден и економски силен Балкан ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на Европа, посочи претседателот Иванов на средбата, истакнувајќи дека Република Македонија треба што поскоро да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Министерот за надворешни работи, г. Бренде, истакна дека Кралството Норвешка силно ги поддржува евроатланските аспирации на Република Македонија, укажувајќи дека интеграцијата на Балканот во ЕУ е од значење за стабилноста и безбедноста на Европа.
Во однос на НАТО интеграцијата, македонскиот претседател истакна дека Република Македонија е одговорен член во меѓународната заедница и континуирано и активно придонесува за регионалната безбедност и стабилност.
„Република Македонија континуирано ја одржува компатибилноста со НАТО стандардите и нашето членство во НАТО ќе придонесе во создавањето позитивна клима во земјата и во регионот “, порача претседателот Иванов, укажувајќи на потребата за итен влез на Република Македонија во Алијансата.
Македонскиот претседател се заблагодари за досегашната помош и поддршка од Кралството Норвешка преку бројни програми и проекти со цел унапредување и развивање на повеќе сегменти и сектори во македонското општество.