Владата на Република Македонија ја одржа 8-та седница, на којашто се донесени одлуки во интерес на оштетени земјоделци, за заштита на пари на граѓаните од злоупотреби поради индиции за незаконски одлучувања во време на претходната Влада, како и за обезбедување услови да се реализира УЕФА Супер купот летово во Скопје, за што се наследени сериозни пропусти.
Владата на Република Македонија донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка на земјоделците – прозводители на праски со слаб квалитет. Станува збор за финансиска поддршка на производителите на праски, со откупна цена до 5 денари, што во периодот од 12.06 – 30.06 ќе се искористат во преработувачките капацитети. За да им помогне на овие земјоделци, Владата одлучи да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за праските со ниска цена поради лошиот квалитет, од по 6 денари по килограм.
Владата на вчерашната седница констатираше дека во предизборниот период Генералниот секретаријат на Владата донел одлука за финансирање здруженија и фондации со средства од Буџетот во висина од околу 50 милиони денари или 850 илјади евра. Поради постоењето сериозни индиции за злоупотреби на пари на граѓаните, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни чекори за запирање на постапката за распределба средства од Буџетот на овие здруженија и фондации. Одлучено е да се извести Државниот завод за ревизија да ја преиспита претходната одлука за доделувањето на овие средства, а доколку постои основ за злоупотреби, да се отвори истрага за обид за ненаменско трошење буџетски пари.
Со оглед дека постојат сомневања и за злоупотреби при распишаниот тендер од страна на ЕЛЕМ од 34 милиони евра, за набавка на опрема за ископ на јаловина, Владата одлучи да му наложи на Надзорниот одбор на ЕЛЕМ да ја поништи одлуката за распишаната јавна набавка и за тоа да биде известена. Владата на Република Македонија го поддржува обезбедувањето сопствена механизација на ЕЛЕМ, наместо долгогодишните користења механизации од надворешни фирми, за што се трошени огромни суми пари на граѓаните, но за конкретниот случај има сериозни индиции за тендерски пропусти и фаворизирања фирми поради што се презема овој чекор.
На вчерашната седница на Владата констатирани се сериозни пропусти од страна на АД за стопанисување со станбен и деловен простор и на претходата Влада, во реализацијата на преземената обврска за одржување на УЕФА Супер купот 2017 на Арената Филип 2, со оглед дека стадионот не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА. Задолжен е Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да изнајдат начин за одржување на УЕФА Супер купот, за што, како што е најавено УЕФА ќе дојде во Скопје на 21 јули да ги провери условите за одржување на натпреварот меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.
Владата одлучи да дозволи мирољубив влез на вооружени сили од САД, за вежбовни активности на Криволак. Станува збор за прва ваква вежба во Македонија и можност нашата држава да покаже логистичка подготвеност за одржување и други вакви регионални вежби во иднина што се оценува дека е добар сигнал и во рамки на НАТО аспирациите на Македонија.
Владата на Република Македонија, на вчерашната седница ги задолжи министрите да ги декласифицираат сите информации за службени патувања и репрезентации коишто претходните нивни колеги ги воделе како класифицирани и истовремено и тие да постапуваат според оваа одлука на Владата, освен ако не станува збор за информации што мора да останат заштитени по сила на закон.