На состанокот помеѓу Заменик министерот за внатрешни работи, д-р Агим Нухиу и Заменик амбасадорот на САД во Република Македонија, г-ѓа Микаела Швајцер Блум беа разменети информации за активностите кои ги презема Република Македонија во справувањето со трговијата со луѓе и криумчарење на мигранти, како и за можностите за продлабочување на меѓусебната соработка во оваа област.
Од страна на г-ѓата Швајцер Блум беше презентиран Извештајот на Стејт Департментот во кој Република Македонија е рангирана во групата на ТИЕР-2. Во извештајот се нотирани недостатоците, но и постигнувањата на властите во Република Македонија во напорите за сузбивање на трговијата со луѓе. Посебен акцент беше ставен на потребата за зајакнување на кривична одговорност, напредни обуки за судиите, обвинителите и полициските службеници кои работат на сузбивање на трговијата со луѓе, зголемување на ресурсите за имплементација на Националниот акциски план, превенција и заштита на жртвите, како и подобрување на соработката помеѓу властите и невладиниот сектор.
Истовремено, беа презентирани и препораките од Акцискиот План за борба против трговија со луѓе кои Република Македонија треба да ги преземе во текот на 2017-2018 година со цел зајакнување на напорите за борба против трговијата со луѓе. Заменик министерот, Д-р Агим Нухиу ја истакна заложбата за целосно исполнување на наведените препораки и градење на меѓусебно партнерство во справувањето со предизвиците во борбата против трговија со луѓе.