Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и СВР Охрид, активно ќе се вклучат во организацијата на втората масовна “Оff Road” средба, што викендов ќе се одржи во Охридскиот регион. Настанот, што ќе се реализира на први и втори јули годинава, е во организација на здружението „Оff Road Ohrid“, ќе има 350 учесници, 200 теренски “OFF Road” возила, 40 крос мотори и 20 четириточкаши од Македонија, Словачка, Полска како и од соседните земји.
Програмата предвидува дводневно патување од истражувачко – спортски – туристички карактер а целта е претставување и промовирање на природните убавини и традиционалните производи на Охридскиот регион.
Турнејата е планирана на 01. и 02 јули од Oхрид – с.Лакочереј – с.Сирула – с.Лешани – манастир Св. Илија – Плаќенска планина –Мазатар – с.Куратица – с.Расино – с.Вапила – с.Лакочереј – с.Лескоец – Охрид а кампувањето е во кампот “АС”-Струга. Турнејата ќе биде организирана според сите законски прописи како и со потребната логистика неопходна за нејзино успешно одржување.
Стартот на “Оff Road” средбата е во сабота први јули со почеток во 09 часот од платото пред градското пристаниште откако претходно ќе се изврши технички прием на возилата и делењето на стартните броеви. Во недела, втори јули, во атарот на селото Лакочереј, ќе се одржи трка со теренски возила.