Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев претпладнево се сретна со специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција, Метју Нимиц.
На средбата се разговараше за можностите за придвижување на разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција во врска со спорот што ги блокира евро-атлантските интеграции на Република Македонија.
Посредникот Нимиц ги поздрави демократските промени во Република Македонија, што отвораат можност за напредок на државата.
Специјалниот претставник на ОН, Нимиц, му честиташе на премиерот Заев за неговите отворени проактивни политики, со коишто демонстрира пристап на решавање на проблемите, во интерес на граѓаните на Република Македонија, но и на регионот.
„Јас и Владата на Република Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија“ рече премиерот Заев.
На средбата заеднички е заклучено дека евро-атлантските интеграции се потребни за стабилноста и безбедноста на целиот Западен Балкан, но и дека тоа ќе придонесе за потребниот економски развој на државите и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните. Оценето е дека постои позитивна клима за нов импулс во развојот на добрососедските односи, преку чекорите за зголемување на довербата меѓу државите, што може да придонесе и во продолжувањето на процесот на преговори.