Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со делегација на УНДП, предводена од Луиза Винтон, постојан координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП.
Винтон му го честита изборот на министерот Спасовски и му посака успешна работа, потенцирајќи дека во овој период е видлива намерата на Владата на Република Македонија и конкретно Министерството за внатрешни работи, да се направат длабоки и суштински реформи. Таа понуди помош и поддршка за најавените реформи во Министерството за внатрешни работи, особено во делот на експертска помош, обуки и сл.
Министерот Спасовски се заблагодари на честитките и досегашната соработка и го потенцира ентузијазмот со кој се влегува во процесот на реформи, со цел да се добие функционален систем односно полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните, односно, како што објасни, мора да му се даде приоритет на принципот на чесност, одговорност и законско работење. Тој потенцираше неколку приоритети со чија реализација треба да се врати изгубената доверба од граѓаните кон полицијата, пред се осврнувајќи се на потребата од декриминализација и департизација односно давање на шанса на професионалците да си ја вршат својата работа. Министерот Спасовски ја информира г-ѓа Винтон дека во процесот на реформи односно измени на законите ќе бидат инволвирани што е можно поголем број на луѓе, пред се научната јавност, со крајна цел да се добијат најквалитетните решенија.
Двајцата соговорници разговараа и за предизвиците кои стојат пред МВР како што се борбата против тероризмот, проблемот со корупцијата и опасноста од нов мигрантски бран.
Винтон ја поздрави посветеноста на новото раководство на МВР за унапредувањето на човековите права и владеењето на правото. Таа ја потенцира и улогата на полицијата во борбата со семејното насилство и предложи низа проекти од оваа област кои можат да помогнат за спречување на оваа појава. Г-ѓа Винтон предложи сорбаотка и во областа на управувањето со кризните ситуации.
Министерот Спасовски и г-ѓа Винтон се договорија да се одреди лице од Министерството за внатрешни работи за контакт со канцеларијата на УНДП, со цел да се олесни соработката.