Конститутивна седница на Советот за следење на состојбите во пензискиот систем

Советот за следење на состојбите во пензискиот систем, кој беше формиран со одлука на Владата на Република Македонија на 19 јуни годинава, ја одржа својата прва седница. Покрај донесување на Деловник за работа на Советот, на членовите им беа презентирани: анализа на можните решенија за надминување на разликите помеѓу пензиите од двостолбниот систем и пензиите од прв столб на пензискиот систем во Македонија, подготвена од експерт на Светска банка; анализа за исплатливост на членство во втор столб подготвена од МАПАС; како и презентација за членството во втор столб од страна на двете друштва за управување со пензиски фонд.

Советот побара од соодветните надлежни институции да достават дополнителни информации, да извршат проверка во евиденцијата и да подготват акциски план, за да се овозможи усвојување заклучоци базирани на прецизни податоци на првата наредна седница на Советот.

Со осумчлениот Совет за следење на состојбите во пензискиот систем претседава министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, додека членови на Советот се: проф. д-р Драган Тевдовски, министер за финансии; проф. д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори; м-р Крешник Бектеши, министер за економија; Зорица Апостолска, министер без ресор задолжен за странски инвестиции; д-р Булент Дервиши, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување; Шаип Зенели, директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија; Весна Стојановска, генерален директор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Давор Вукадиновиќ, генерален директор на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.

Новоформираниот Совет има неколку основни задачи: разгледување на прашања поврзани со одржливоста на пензискиот систем; следење на имплементацијата на реформата на пензискиот систем; како и иницирање мерки за подобрување на состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување и за обезбедување на одржливоста на пензискиот систем на долг рок.