Она што го најавив во ноември минатата година и на што интензивно се работеше во месеците потоа, денес започнува да се реализира. Почнува со градба фабриката на германската компанија „WIK“ во Технолошко-индустриско развојната зона Прилеп. Оваа фабрика треба на Прилеп и прилепско да им донесе нови 1000 работни места, што ќе значи сигурна егзистенција, плата, стабилност и извесна иднина за 1000 семејства, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук страна.
Груевски додава дека повеќе од 2 години се работело на овој проект на германската компанија.
На самиот почеток тие ја разгледуваа понудата на Украина, Романија и Србија, но интензивните контакти и залагањата кои беа во изминатиот неколкугодишен период како и пакетот поволности кои ги нудевме вродија со плод и еве, денес, се започнува со градба на новата фабрика, напиша Груевски.
Компанија WIK е германска компанија која има седиште во Есен, но и во Хонг Конг, а се занимава со производство на апарати за домаќинството, а нивната прилепска фабрика ќе биде насочена кон производство на кафемат машини. Инвестицијата тежи 12 милиони евра, на вкупна површина од 10 илјади метри квадратни.
Реализацијата ќе биде во две фази, првата од 5 милиони евра, а во втората фаза се планирани 7 милиони евра и дополнителни 6.5 илјади метри квадратни. На самиот почеток ќе се вработат 50 луѓе и постепено оваа бројка ќе расте, а по комплетирањето на двете фази ќе се вработат 1 000 граѓани. Првата фаза од изградбата се очекува да заврши во првото тромесечие на наредната година. Воедно постои можност и за зголемување на бројката на вработени и се размислува за можно префрлање на повеќе капацитети и фабрики во Македонија, со што би можело да се дојде до 3000 вработувања! За таа намена компанијата резервира и 2 големи парцели во ТИРЗ Прилеп каде што ќе може да функционираат сите три фабрики на компанијата доколку се одлучат понатаму да го прошируваат своето производство. Оваа последна инвестиција, немаше да се оствари доколку не беше посветеноста и залагањето на Бил Павлевски кој раководеше со инвестицијата, како и поддршката на Виктор Мизо. Трудот се исплатеше, напиша Груевски.
Покрај Гентерм и Акомпласт, WIK уште една голема компанија која ќе инвестира во Прилеп.
Воедно оваа е 7-ма инвестиција од почетокот на оваа година до сега која се случи и на која работеше тимот за инвестиции на ВМРО-ДПМНЕ. Овие 7 странски инвестиции треба да отворат потенцијални над 4300 работни места, додаде Груевски.
1. Во мај започна со работа новата фабрика Лутекс, германска инвестиција за производство на индустриски и технички текстил во погоните на „Нонча Камишева” во Велес.
2. Во април, почна со работа компанијата од САД која во Македонија ќе дејствува како “NYSK Holding” и се занимава со одгледување и производство на канабис за медицински цели.
3. Во април, германската компанија „ Franz Kiel GmbH” која ќе произведува седишта за автобуската и железничката индустрија објави дека ќе инвестира во Македонија, најави отпочнувањето на градење на новата инвестиција во Македонија.
4. Во мај се потпиша договор за инвестирање на турската компанија Чагатај Кабло за производство на кабли и електрични инсталации за автомобили.
5. Во април се објави дека е донесена одлука и купена е опрема за отворање на нова фабрика во делот на медицинската индустрија меѓу Крушево и Кривогаштани од страна на американска компанија.
6. Во мај започна во Струмица со работа компанијата од автомобилската индустрија Адиент, или поранешен Џонсон Контролс.
7. Денес почнува со градба фабриката на WIK која треба да донесе 1000 вработувања.
Огромна обврска на актуелната влада е да посвети внимание и успешно да ги заокружи инвестициските циклуси на овие 7 големи странски инвестиции. За тоа е потребна демонстрација на капацитет и кадровски потенцијал. Потребна е должна сериозност во пристапот кон секоја инвестиција, затоа што тоа е моторот за развој македонската економија. Прилепчани, нека е аирлија новата инвестиција!, заклучи Груевски.