Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на град Охрид, целосно ја подржува иницијативата на охридското „Супер радио“ за почеток на акцијата „Помалку автомобили, помалку гужва“ со која, овој медиум, ги повикува охриѓани, колку што е можно помалку да ги користат автомобилите во шпицот на сезоната, особено во центарот на градот.
„Сметаме дека оваа иницијатива која е во насока на намалување на бројот на автомобилите посебно во централното градско подрачје, е врв на совесно размислување и одличен потег да се анимираат граѓаните на Охрид да го дадат својот придонес кон намалување на сообраќајниот метеж во градот и оставање повеќе простор за движење и паркирање на возилата на туристите кои доаѓаат во Охрид. Акцијата „Помалку автомобили, помалку гужва“ е обид повеќе, охриѓани да ја манифестирааат својата сообраќајна култура и совест со што, и на тој начин ќе им покажат добредојде на домашните и странските туристи кои деновиве се поинтензивно доаѓаат во нашата туристичка матропола. Оттука, искажуваме подготвеност да помогнеме за поуспешна реализација на акцијата.“ велат од ОСБСП.
Инаку, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на град Охрид, преку соопштение упати апел до охриѓани, на исклучива нужност во користењето на сопствените автомобили во шпицот на туристичката сезона и нивно користење и паркирање при крајни и неодложни потреби, пред се во централното градско подрачје.